
Силните институции се вистинскиот мотор на одржливите промени. Тие ја претвораат визијата во резултати, истакнала министерката за финансии Гордана Димитриеска – Кочоска, на завршната сесија на Годишниот состанок на Управниот одбор на CEF – Форумот, одржан во Бечиќи, Црна Гора.
Како што соопшти Министерството за финансии, во обраќањето, министерката нагласила дека институционалниот развој не е дополнување на реформите, туку нивна основа.
Таа истакнала дека јавните институции мора да бидат стратешки ориентирани, да дејствуваат со интегритет и да реагираат агилно на предизвиците, особено во управувањето со јавните финансии.
Нашата способност да спроведеме реформи, не зависи само од стратегии и акциски планови, туку од капацитетот и отпорноста на институциите што ги спроведуваат тие промени, посочила Димитриеска – Кочоска.

Како што потенцирала Димитриеска-Кочоска, затоа Министерството за финансии го постави институционалниот развој во сржта на својата реформска стратегија со формирањето на Академијата за јавни финансии што е доказ за таа посветеност.
Академијата не е само центар за обука, туку двигател за градење компетенции и трајна култура на учење, додала таа.
На Форумот, Димитриеска-Кочоска ја истакнала и важноста на регионалниот дијалог и заедничкото учење, при што упатила благодарност до меѓународните партнери за нивната поддршка преку техничка помош, советување и програми за градење капацитети.

Министерката упати и посебна благодарност до Управниот одбор на CEF за довербата и лидерството, по повод преземањето на претседателството со Управниот одбор од страна на Македонија, се нагласува во соопштението на Министерството за финансии.