
Српскиот претседател Александар Вучиќ потврди дека ќе отпатува во Москва на 8 мај за да го одбележи Денот на победата, и покрај критиките од Западот.
Му ветив на Путин пред осум месеци и си стојам на зборот. Мојот збор значи нешто. Не одам од каприц, туку од почит и личен интегритет. Одам, освен ако не се случи нешто драстично или не добиеме сериозни закани – рече Вучиќ.
Тој додаде дека следните 15 до 20 дена се клучни за Србија, не само поради посетата на САД, туку и поради најавените пристигнувања на европски претставници во Белград. „Ќе ми кажат да не одам во Москва, но нема да ме убедат. Тврдоглав сум“, рече тој со насмевка.
Вучиќ се осврна и на наводните најави за санкции од Брисел за лидерите кои ќе присуствуваат на церемонијата во Москва.
Сите во Брисел само мене ме споменуваат. Фицо, Си Џинпинг, Лула, никој не е тема. Само што ќе правиме со Вучиќ? Тоа е веќе опсесивно – вели Вучиќ.
Вучиќ нагласи дека останува посветен на европскиот пат на Србија и покрај сите притисоци. „Мојот мандат наскоро завршува. Со или без мене – Србија ќе остане на европскиот пат. Тоа им го ветивме на граѓаните“, рече тој.
Тој исто така рече дека нема да ја напушти политиката под притисок однадвор: „Ако заминам, тоа ќе биде по моја слободна волја. Ако некој ме отстрани од странство – тоа би бил најголем срам“.
Вучиќ рече дека планира да му го врачи орденот на рускиот патријарх Кирил на 8 мај и дека се надева на кратка средба со кинескиот претседател Си Џинпинг.
Замислете, билатерална средба со американскиот претседател, потоа со рускиот и кинескиот. Кој друг може да го направи тоа? – рече Вучиќ, додавајќи дека тоа „го подигнало меѓународниот углед на Србија“.
Тој, исто така, коментираше за можните обвинувања од домашната јавност за тоа: „Премногу е доцна за обоена револуција. Тој воз помина – веќе во февруари. Во март, протестите веќе стивнуваа, дури и во Белград“.
Вучиќ рече дека ќе ги штити интересите на Република Српска (РС) во секое време, но почитувајќи го територијалниот интегритет на Босна и Херцеговина.
Во разговорите со американските претставници, ги истакнав двојните стандарди, тие нè бомбардираа кршејќи ја Повелбата на ОН, а сега се огорчени од истите работи на друго место- рече тој.
Тој, исто така, го критикуваше ставот на меѓународната заедница кон Косово и РС: „Некои во Сараево велат дека Косово е независно, а кога Додик не прифаќа нелегална одлука, тој веднаш е криминалец. Ова се двојни стандарди“.