
Рускиот претседател Владимир Путин изјави дека руските разузнавачки служби ги потврдиле извештаите дека западни земји се обидуваат да спроведат обоена револуција во Србија, предупредувајќи дека оние што ги туркаат младите на улиците сакаат нови страдања за српскиот народ.
„Западните земји се обидуваат со обоена револуција во Србија“, изјави синоќа рускиот претседател Владимир Путин за време на пленарната седница на 22-от годишен состанок на Валдајскиот клуб за дискусии, пренесоа денеска српските медиуми.
„Се согласувам со претседателот Вучиќ, а нашите специјални служби го потврдуваат тоа: некои западни центри се обидуваат да организираат обоена револуција, во овој случај во Србија“, рече Путин, објави Известија.
Рускиот лидер нагласи дека обоената револуција е нелегално преземање на власта, посочувајќи дека таквите револуционерни промени со учество на надворешни сили се внатрешно прашање на самата Србија, а Русија нема намера да се меша во тие процеси.
Путин додаде дека „секогаш има луѓе, особено млади луѓе, кои не се навистина запознати со вистинските проблеми, позадината на тие проблеми, можните последици од нелегитимните форми на промена на власта“.
Секој знае до што доведе „обоената револуција“ во Украина, нагласи Владимир Путин.
Руската служба за надворешно разузнавање објави во септември дека европски елити сакаат да ја искористат годишнината од трагедијата во Нови Сад на 1 ноември за да ја дестабилизираат ситуацијата во Србија.
Младите луѓе во Србија се патриоти, тие мора да разберат што е најдобро за земјата, рече Путин, зборувајќи за заканата од обоена револуција.
„Тие (младите во Србија) се пред сè патриоти. И тие мора да разберат што е подобро за нивната земја – такви револуционерни трансформации или еволутивни промени со нивно учество, се разбира. Но, тоа, жал ми е, сè уште не е наша работа, ова е сè уште внатрешно прашање на самата Србија“, рече Путин.
Тој исто така рече дека никогаш не треба да ги заборават страдањата низ кои поминал српскиот народ, пред, за време и по Првата и Втората светска војна.
„Оние што ги туркаат младите луѓе на улиците сакаат српскиот народ да продолжи да страда, иако не зборуваат за тоа јавно“, предупреди рускиот лидер.