Skip to main content

Мигрантското прашање и четвртата фрегата во фокусот на Владиниот совет за национална безбедност на Грција

Четврта фрегата „Белара“, но понапреден тип и со зголемени капацитети од претходните три, ќе набави Грција, тема за која се разговарало на денешниот состанок на Владиниот совет за национална безбедност свикан од грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис, а паралелно станало збор и за мигрантското прашање, јави дописничката на МИА од Атина.

За време на состанокот, министерот за надворешни работи Јоргос Герапетритис информираше за последните меѓународни и регионални случувања. Исто така, министерот за одбрана Никос Дендиас информираше за прашања поврзани со вооружувањето на армијата и за искористувањето на опцијата за набавка на четврта фрегата од типот ФДИ. Додека министерот за миграциска политика Танос Плеврис информираше за прашања поврзани со миграцијата, соопшти портпаролот на грчката Влада Павлос Маринакис во однос на темите што биле разгледани на советот. 

По состанокот, министерот за одбрана на Грција објасни дека новата фрегата, четврта по ред што ќе го носи името „Темистокле“ ќе има зголемени можности.

На состанокот беше презентирана четвртата фрегата „Темистокле“. Законот е подготвен и денеска ќе биде доставен до Парламентот. „Темистокле“ не е четврта фрегата. Основниот тип на фрегатата, како што беше договорено во 2020 беше „Белара Стандард 2“. „Темистокле“ е „Стандард 2.++“. Има 1+10 зголемен потенцијал, објасни Дендиас.

Во однос на турскиот океанографски брод „Пири Реис“ што ќе спроведува научни истражувања во делови на Егејското море, а што е актуелна тема во Грција, министерот за одбрана рече дека не било тема за разговор на Владиниот совет за национална безбедност.

Со оглед на тоа што утрово беше најавена ненадејна воена вежба на грчката армија во море и на копно, грчките медиуми ова го поврзаа со активноста на турскиот брод.

Се крева многу врева. Вежбата на вооружените сили е во циклусот на изненадувачки вежби што се одржуваат секоја година. Нема никаква врска со „Пири Реис“ и за тоа не се разговараше на состанокот, нагласи Дендиас.

Портпаролката на грчкото МНР Лана Зохиу на денешниот брифинг со новинарите за „Пири Реис“ истакна дека внимателно го следат текот, и се во состојба на готовност, а Грција „во секој случај ќе ги обезбеди своите суверени права“. 

Поврзани вести