
Пејачот Даниел Кајмакоски јавно го потврди киднапирањето што се случило во Белград, наведувајќи дека бил однесен против своја волја и дека му било заканувано со оружје.
Во изјава дадена по настанот, Кајмакоски посочил дека киднаперите побарале откуп и дека бил изложен на сериозни закани, но дека благодарение на брзата реакција на српската полиција бил ослободен и е без сериозни телесни повреди.
„Мислам дека стануваше збор за странски државјани. Комуницираа меѓу себе на англиски и турски јазик, ми се закануваа со пиштол и бараа од моето семејство и пријателите да дадат 20.000 евра за да бидам ослободен“, изјавил Кајмакоски.
Тој додал дека киднаперите упатувале и закани кон неговото семејство, тврдејќи дека имаат соучесници во близина на неговиот дом.
Според информациите објавени во српските медиуми, инцидентот се случил доцна навечер, откако Кајмакоски го завршил својот настап во објект во Бетон Хала. Како што се наведува, тој бил пресретнат во близина на својот автомобил и однесен од непознати лица, кои подоцна побарале откуп.
Медиумите јавија дека по брза реакција на српската полиција била започната потера, по што пејачот бил пронајден и ослободен без сериозни повреди, додека напаѓачите успеале да побегнат. Обвинителството го квалификувало случајот како кривично дело киднапирање и истрагата е во тек.

Македонски



