
Министерството за надворешни работи и европски работи на Хрватска денеска издаде предупредување до хрватските државјани да не патуваат во Србија ако не е неопходно.
Во соопштението се нагласува дека на граѓаните им се препорачува одложување на сите непотребни патувања, а на оние кои патуваат им се препорачува да бидат внимателни, постојано да ја следат ситуацијата и да добијат детални информации пред да патуваат.
– Поради граѓанските протести, често се случуваат ненајавени сообраќајни блокади, што ја прави сообраќајната ситуација непредвидлива и значително го комплицира движењето низ земјата, се наведува во предупредувањето.
Исто така, се нагласува дека е важно да се избегнуваат места каде што се собираат голем број луѓе.
И шефот на хрватската дипломатија Гордан Грлиќ Радман ги повика хрватските државјани да ги одложат непотребните патувања. Додека на хрватските граѓани кои се наоѓаат во Србија им се препорачува, во случај на вонредна состојба или итен случај да ја контактираат Амбасадата на Хрватска во Белград.