Skip to main content

Грција сака да го чува Ормутскиот теснец

 Грција, како што имам кажано, би била подготвена да учествува во некој вид мисија, која, сепак, ќе треба да има меѓународен легитимитет на ниво на Советот за безбедност на ОН, доколку тоа биде потребно. Во моментов, сепак, такво нешто не се наоѓа на маса, рече грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис на прес-конференцијата по завршувањето на Самитот на ЕУ во Брисел во однос на тоа каква би можела да биде улогата на Грција во Ормуската Теснина, јави дописничката на МИА од Атина.

Кабинет на грчкиот премиер

Грчкиот премиер нагласи дека обезбедувањето на слободата на пловидба е главното прашање, но и „најважната придобивка од договорот што беше постигнат меѓу Иран и Соединетите Американски Држави“, изрази надеж дека нема да има турбуленции што би го довеле во прашање овој дел од договорот, но и посочи дека целта е Ормуската Теснина да се врати на претходниот статус кво.

–  Сакам да потсетам дека пред почетокот на војната, поминувањето низ Теснината беше целосно слободно и никој не разговараше ниту за воведување такси, ниту за потребата од каква било мировна мисија. Грција покажа дека може да биде присутна на терен кога тоа е потребно. Учествуваме во операцијата „Аспидес“. Ние сме земја што ја постави слободата на пловидба како централен приоритет на својата надворешна политика. Ние сме земјата која го покрена прашањето и во Советот за безбедност на ОН и доколку биде потребно, во рамките што ги опишав, нема да се двоумиме да дадеме каков било дополнителен придонес, објасни грчкиот премиер.

Во однос на можноста за отворање канал на комуникација со Москва, Мицотакис објасни дека главниот збор за какви било преговори со Русија може да го има само Украина, а Европа „не претендира да има улога на посредник, бидејќи веќе зазеде јасна позиција во поддршка на Украина во овој конфликт“.

– Но, доколку биде потребно и сметам дека тоа е неопходно, да постои канал на комуникација што ќе го претставува Европскиот совет, бидејќи донесовме одлуки што директно се однесуваат на овој конфликт, односно замрзнувањето на руските средства и 20 пакети санкции, кои беа усвоени од сите 27 земји-членки, па така не гледам друго решение и тоа јасно го кажав и вчера на состанокот на Европскиот совет дека во овој случај дипломатскиот канал треба да го отвори претседателот на Европскиот совет, Антони Кошта, кој може да зборува во име на сите нас, посочи Мицотакис.

На новинарско прашање дали на вчерашната средба во Брисел со украинскиот претседател Володимир Зеленски разговарале и за заедничко производство на вооружени системи со Украина, особено за подводни дронови, грчкиот премиер рече дека разговорите со Киев се во напредна фаза за постигнување договор „кој ќе ѝ овозможи на Грција да ја искористи значајната експертиза што Украинците ја развија во областа на беспилотните системи, без разлика дали станува збор за воздушни, копнени, поморски или подводни“, но додаде дека во овој момент не може да соопшти повеќе детали

Поврзани вести