
Пред нас имаме уште тешки денови и традиционално тежок месец – август. Сакам навистина од сите граѓани да побарам да бидат максимално внимателни. За жал, и сега имаме бројни пожари кои започнуваат поради голема небрежност, посочи грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис на почетокот на денешната владина седница, додавајќи дека државата ќе го стори она што е во нејзина моќ, но и побара внимателност од сите граѓани, јави дописничката на МИА од Атина.
На почетокот на говорот пред министрите, Мицотакис, како што рече, во име на целата Влада, изрази длабока жалост за загубата на двајцата пожарникари, кои загинаа во пожарот на Крит, како и за смртта на пожарникарот додека беше на должност во градот Гитио на Пелопонез.
Нагласи дека државата им оддава почит ги поддржува нивните семејства, но и „ги зајакнува своите активности за земјата да биде сè поефикасно заштитена од последиците на климатската криза“.
Се осврна на големите пожари во Франција и Шпанија, за кои рече дека „за жал, ваквите пожари не ѝ се непознати на Грција“ и потсети дека земјата им помогна на шпанските власти со испраќање на два авиона „Канадер“, кои четири дена учествуваа во гаснењето на пожарите.
Сакам да потсетам дека со оглед на тоа што во овој период во Европа се води голема дискусија за противпожарните средства со кои располага Европската Унија, дека Грција беше таа што пред неколку години ја предводеше иницијативата за да постои заеднички европски договор за повторно активирање на производствената линија за авионите „Канадер“. Сето ова беше иницијатива на Грција и доколку сè се одвива според планот, во 2028 година Грција ќе биде првата што ќе го добие првиот нов и целосно надграден „Канадер“, по што ќе следат останатите европски земји – рече Мицотакис.
Големиот пожар на островот Крит јужно од градот Ретимно и понатаму е вон контрола, 24 часа по избувнувањето, а со одлука на генералниот секретар за цивилна заштита на Грција, во општината Агиос Василиос зафатена од огнените јазици е прогласена вонредна состојба во следните три месеци со цел справување со итните потреби и управување со последиците од шумскиот пожар, односно за забрзување на потребните постапки.
Во пожарот, како што утрово објави МИА, интервенираат 224 пожарникари со 11 пешадиски тима, 53 возила, волонтери и цистерни од општините, а на располагање се и два хеликоптери, додека пак силниот ветер не дозволува во гаснењето да се вклучат и противпожарните авиони.(МИА)

Македонски


