Skip to main content

Нов бран поскапувања на храната: На удар лебот, овошјето, зеленчукот и млечните производи

Нов бран поскапувања на храната би можел да следува во наредниот период, а најголем удар врз домашниот буџет се очекува кај производите што граѓаните секојдневно ги купуваат – лебот, тестенините, овошјето, зеленчукот и млечните производи.

Според најновата анализа на „Оксфорд економикс“, глобалните цени на храната се очекува да пораснат за 11,8 отсто во текот на годинава, а растечкиот тренд да продолжи и во 2027 година, кога се прогнозира дополнително зголемување од 4,8 отсто.

Причините за новиот ценовен притисок се повеќекратни. Екстремните временски услови, високите температури и сушата во Европа веќе оставија последици врз земјоделското производство. Во исто време, производителите се соочуваат со повисоки трошоци за енергија, ѓубрива и обработка на земјиштето.

Дополнителен притисок создаваат и глобалните кризи и конфликти, особено војната во Украина и нестабилноста на Блискиот Исток, кои влијаат врз производството, транспортот и снабдувачките синџири.

Најголем ризик од поскапување, според проценките, има кај пченицата. Нејзината цена во третиот квартал од годинава би можела да биде околу 36 отсто повисока во споредба со истиот период лани. Таквиот раст постепено би можел да се прелее и врз цените на лебот, тестенините, бисквитите и житарките за појадок.

Кај свежите производи, поскапувањето би можело да се почувствува многу побрзо. Економистите очекуваат повисоки цени на овошјето и зеленчукот уште во текот на октомври и ноември, додека кај преработената храна ефектите најверојатно би се почувствувале подоцна, во периодот од февруари до мај следната година.

Сепак, прогнозираниот раст од 11,8 отсто се однесува на глобалните цени на земјоделските суровини и не значи дека сите производи во продавниците автоматски ќе поскапат за истиот процент. Конечната цена што ќе ја плаќаат потрошувачите зависи и од трошоците за производство, транспорт, преработка, увоз, како и од трговските маржи.

Според анализите, месото би требало да биде помалку изложено на новиот ценовен бран, додека најголем ризик за раст на цените има кај житарките, овошјето, зеленчукот и млечните производи.

Доколку овие прогнози се остварат, граѓаните повторно би можеле да почувствуваат притисок врз домашниот буџет токму кај основните прехранбени производи, односно оние што најчесто завршуваат во секојдневната потрошувачка.

Поврзани вести