
Министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, во гостувањето во емисијата „Тема на денот“ на Сител телевизија, по работната посета на САД и учеството на Генералното собрание на ОН, се осврна на односите со Соединетите Американски Држави, политичкиот дијалог со американската администрација, економската соработка и конкретните придобивки за граѓаните и домашната економија.
Муцунски оцени дека во изминатиот период е значително засилен билатералниот ангажман со САД, што, како што посочи, се гледа и преку интензитетот и преку содржината на средбите на највисоко ниво со претставници на американската администрација, Конгресот, како и со претставници на финансиски организации од јавниот и приватниот сектор.
Фактите говорат за себе. И интензитетот, и содржината, и пораките што се пренесуваат, кои обезбедуваат клучните инвестиции, како оние за кои зборуваме, да се насочат кон стратешките сектори“, истакна Муцунски.
Говорејќи за односите со американскиот државен секретар Марко Рубио, министерот нагласи дека во изминатиот период е воспоставена интензивна комуникација и однос заснован на доверба и реализација на заеднички приоритети.
Стратешкиот однос со САД е еден од постулатите на нашата надворешна политика и моето очекување е дека интензитетот на таа соработка ќе продолжи“, порача Муцунски.
Посебен акцент беше ставен на економската димензија на партнерството. Муцунски посочи дека интензивниот политички дијалог со Вашингтон е проследен со зголемена трговска размена и извоз кон американскиот пазар, како и со создавање услови за зачувување на работните места и зголемување на капацитетите и инвестициите на извозно ориентираните компании.
Можеме да зборуваме за сериозен скок на трговската размена и зголемен извоз кон Соединетите Американски Држави. Бевме една од првите земји во Европа што имаше заедничка изјава со САД во делот на трговијата, што создаде услови не само за зголемена трговска размена, туку и за зачувување на работните места и за зголемување на капацитетите и инвестициите на извозно ориентираните компании“, нагласи министерот.
Муцунски информираше и за тековната соработка со DFC, како и за интензивниот дијалог за неколку потенцијални нови инвестиции кои би биле поддржани од американската страна. Во тој контекст се осврна и на иницијативата Trade Over Aid, предводена од Соединетите Американски Држави и насочена кон стратешки инвестиции со земјите со кои САД соработуваат.
Осврнувајќи се на информациите пласирани од опозицијата во врска со учеството на државната делегација на Генералното собрание на Обединетите нации, Муцунски оцени дека тие се неточни. Тој конкретно ја отфрли информацијата дека претседателот на Владата, Христијан Мицкоски, и неговата сопруга не присуствувале на приемот организиран од претседателот на САД.
Претседателот на Владата, премиерот Христијан Мицкоски, заедно со неговата сопруга, беа поканети и присуствуваа на приемот организиран од претседателот Трамп и неговата сопруга Меланија“, истакна Муцунски.
Воедно, тој ги отфрли и тврдењата дека државната делегација броела 50 лица, посочувајќи дека нејзиниот обем, број и формат не отстапувале од практиката од претходните години. Муцунски нагласи дека Генералното собрание на ОН е најголемиот годишен мултилатерален собир на кој државата, како членка на Обединетите нации, има активен ангажман.
Муцунски посочи дека фокусот останува на натамошно продлабочување на стратешкото партнерство со Соединетите Американски Држави и преточување на политичкиот дијалог во конкретни инвестиции, економски можности и резултати за граѓаните.

Македонски


