
Кина почна координирани програми за тестирање на 6Г мрежи во осум региони на земјата, со цел да го забрза нејзиниот развој и да создаде услови за идна примена во индустријата. Иницијативата ја најави Министерство за индустрија и информатичка технологија на Кина за време на конференција одржана во Шангај.
Пилот-проектите ќе се реализираат во Пекинг и Шангај, како и во провинциите Хебеј, Џангсу, Џеџијанг, Анхуеј, Хубеи и Гуангдонг. Во рамки на програмата учесниците ќе работат на развој на уреди и опрема поврзани со 6Г мрежите, меѓу кои терминали од новата генерација, чипови, електронски компоненти, мерни инструменти и технологии за сателитски интернет.
Програмата има за цел да ја поттикне и практичната примена на новите технологии, а меѓу областите што ќе бидат опфатени се комуникациските системи кои би можеле да овозможат искуство слично на човечки контакт, индустриско производство, поморска економија, како и комерцијални дронови што летаат на височина до 120 метри.
За таа цел, властите на Кина уште во јуни најавија план за воспоставување национален систем за иновации во областа на 6Г технологијата. Новата програма треба да обезбеди подобра координација меѓу централните и регионалните власти, како и да го олесни пренесувањето на резултатите од научните истражувања и лабораториските тестирања во практична примена.
До 2029 година се очекува државата да развие сопствени технолошки решенија, нови деловни модели и терминали кои ќе ја поддржат идната имплементација на 6Г мрежите.

Македонски



