
На 6 ноември 2026 година, со почеток во 19:00 часот, во M.Y Gallery во Гуанџоу, Кина, ќе се оддржи културен настан посветен на проектот „Обични и необични приказни“ на ликовна уметница и графичка дизајнерка Христина Зафировска. Настанот ќе опфати изложба на илустрации, презентација на книга и видео, обединувајќи ги ликовната уметност, книжевноста и современите визуелни медиуми.
Ѓорѓи Крстевски е македонски писател и преведувач, автор на збирката кратки раскази „Обични и необични приказни“. Неговото творештво се одликува со кратка и концентрирана нарација, апсурдни ситуации, црн хумор и фантастични елементи, преку кои секојдневието се преобразува во необичен книжевен свет.
Проектот е инспириран од истоимената збирка на Крстевски. Преку 22 оригинални црно-бели илустрации, Зафировска создава сопствен визуелен свет поттикнат од необичните ситуации, апсурдот, фантастиката и напнатата психолошката атмосфера на приказните. Нејзиниот пристап не се сведува на буквално илустрирање на книжевните содржини, туку претставува лична интерпретација во која линијата, формата и композицијата стануваат средства за истражување на границите меѓу реалното и надреалното.
Книгата претставува спој на книжевниот текст и визуелниот израз, при што дизајнот има активна улога во обликувањето на целокупното доживување. Преку внимателно осмислената типографија, композиција и црно-бела визуелна естетика, публикацијата создава единствена целина во која текстот и илустрацијата се надополнуваат и отвораат простор за различни толкувања.
Како дополнување на изложбата и книгата, видеото ги пренесува визуелните мотиви од илустрациите во динамична форма, истражувајќи ги нивното движење, фрагментација и меѓусебно преобразување. На тој начин, проектот се проширува надвор од страниците на книгата и добива нова димензија преку спојот на цртежот, текстот и видеото.
Презентацијата во Гуанџоу претставува можност кинеската публика да се запознае со сегмент од литературата и современото македонско уметничко и дизајнерско творештво, но и со еден од начините на кој книжевното дело може да стане појдовна точка за создавање нови визуелни искуства. Преку универзалниот јазик на сликата, проектот отвора простор за културна размена и за нови начини на читање, гледање и доживување на приказните. Проектот е поддржан од Министерството за култура и туризам.

Македонски




