Skip to main content

Четири скршени ребра и крварење во главата – Претепаната гостиварка е во стабилна состојба

Здравствената состојба на 42-годишната жена од гостиварското село Топлица, која беше тешко повредена во нападот за кој е осомничен нејзиниот сопруг, во моментот е стабилна. Таа е свесна и контактибилна, но останува на интензивно лекување во Клиничкиот центар во Скопје.

Директорот на ТОАРИЛУЦ, доктор Игор Мерџановски, соопшти дека жената била примена со повреди на градниот кош и главата. По направените испитувања биле утврдени скршеници на седмото, осмото, деветтото и десеттото ребро, делумен пневмоторакс, мала плеврална ефузија и мало крварење во главата.

Претходно од Обвинителството соопштија дека нападот се случил на 27 ноември во семејниот дом во Топлица. Педесет и двегодишниот сопруг, според сомневањата на обвинителството, со физичка сила и остар предмет повеќепати ја удирал жената по главата, лицето и телото, со намера да ја лиши од живот.

Случајот го пријавил таткото на осомничениот, по што жената била пронајдена во бесознание и пренесена во болница. При апсењето, осомничениот давал отпор и нападнал полициски службеници, при што повредил еден од нив.

Основното јавно обвинителство Гостивар отвори истражна постапка за убиство во обид при вршење семејно насилство и побара притвор за осомничениот.

Поврзани вести