
Лидерот на ДУИ, Али Ахмети, и пратеникот на партијата Талат Џафери се фотографираа пред карта на т.н. „Голема Албанија“ по повод 28 Ноември – Денот на албанското знаме. Фотографијата беше објавена со честитка од Џафери, поранешен премиер и претседател на Собранието.
Картата се поврзува со националистичкиот концепт за обединување на територии во една албанска држава. Покрај Албанија и Косово, различни верзии опфаќаат и делови од Македонија, Србија, Црна Гора и Грција. Самата фотографија не објаснува каков став имаат Ахмети и Џафери за границите или за политичкото значење на картата.
Во целосната честитка, Џафери пишува:
„На овој 28 Ноември, со почит се поклонуваме пред историјата, жртвата и посветеноста на генерациите кои со храброст го отворија патот кон слободата и националната афирмација. Овој ден не е само сеќавање на минатото, туку и аманет што нè обврзува да ги чуваме нашиот идентитет, јазик и национални вредности.
Црвено-црното знаме останува симбол на нашето единство, отпор и достоинство. Тоа нè потсетува дека историјата ни оставила одговорност, додека иднината бара зрелост, визија и заедничка посветеност.
Да чекориме напред со верба дека само преку единство, меѓусебно почитување, правда и еднаквост можеме да изградиме подобро општество за сите граѓани. Нека биде 28 Ноември ден на гордост, размислување и одговорност за иднината. Честит 28 Ноември – Денот на знамето!“
Во честитката Џафери не објаснува зошто фотографијата е направена пред картата.


Македонски



