Skip to main content

Повеќе од 50.000 жени годишно се жртви на смртоносно семејно насилство

Повеќе од 50.000 жени и девојки секоја година се убиени од партнери или членови на семејството, покажуваат податоците на Обединетите нации (ОН). Податокот беше истакнат на регионалната конференција за фемицид во Југоисточна Европа, која денеска започна во Собранието.

Според податоците презентирани на конференцијата, во 2024 година во светот биле убиени околу 83.000 жени и девојчиња. Од нив, речиси 50.000 биле убиени од интимен партнер или член на семејството. Тоа значи дека во просек 137 жени и девојчиња секој ден го губат животот во околности поврзани со вакво насилство.

На конференцијата беше нагласено дека фемицидот не треба да се третира како изолиран случај или како приватен семеен проблем. Тој често претставува крајна последица на долготрајно родово базирано насилство, кое претходно можело да биде пријавувано, препознаено или да покажува знаци на ескалација.

Потпретседателката на Собранието, Весна Бендевска, оцени дека земјите во регионот постигнале напредок во унапредувањето на законската рамка, но дека остануваат сериозни предизвици.

Меѓу нив се различните дефиниции за фемицид, фрагментираните и недоволно усогласени податоци, како и нееднаквата примена на законите. Според Бендевска, превенцијата бара институциите навреме да ги препознаваат ризиците и да реагираат координирано.

На регионалната конференција беше посочено и дека Македонија во изминатите години го зајакнала законскиот пристап кон родово базираното насилство. Меѓу значајните чекори се измените на Кривичниот законик од 2023 година.

Темата за фемицидот во регионот се поврзува и со потребата од подобро собирање и размена на податоци, навремена проценка на ризикот и поефикасна институционална реакција во случаи на пријавено насилство.

Поврзани вести