Skip to main content

Караванот „Тригер“ утре доаѓа во Охрид во културниот центар „Култ“

Годинава, здружението за афирмација на младинската култура „Култура Бета“ започна караван за младинска, алтернативна и критичка култура наречен „Тригер“ преку кој се планирани шест настани во различни градови. Летниот настан, секако, ќе се одржи во Охрид!

Овојпат, караванот „Тригер“, доаѓа во Охрид на 20 август, а настанот ќе се одржи во културниот центар „Култ“ со почеток во 20:00 часот. Претстои мултимедијална вечер која ќе спои повеќе уметности во едно, а сите тие ќе се обединат со разговорот кој ќе се случи на крајот од вечерта.

Во рамки на настанот ќе се случи промоција на вториот број на списанието за општа култура „Тригер“ за кој ќе зборуваат Калина Качоровска, Наде Циева, Теодор Тасевски и Јана Секулоска. Пред разговорот за вториот број на „Тригер“ ќе се случи проекцијата на краткиот документарен филм „Борби со ветерници“ од режисерот Борјан Гаговски кој, исто така, ќе учествува во разговорот. Во текот на целата вечер ќе биде поставена првата самостојна изложба „Трети простори“ на фотографот Теодор Тасевски.

Ова е трет настан од караванот „Тригер“, првиот и вториот се одвиваа во Скопје и Куманово, а до крајот на годината се очекува настаните да се одржат во Битола, Штип и Тетово.

Проектот „Караван за младинска, алтернативна и критичка култура ‘Тригер’“ е активност поддржана во рамки на проектот „Култура за развој“ на Владата на Швајцарија, кој се имплементира од Хартефакт Фонд. Проектот „Култура за развој“ го поддржува независниот културен сектор во Република Македонија, користејќи ја културата и уметностите за поттикнување критичко размислување за општествените прашања важни за локалните заедници. Целта е да се стимулира поотворено и демократско општество преку јакнење на социјалната кохезија, демократските процеси и општествениот дијалог, како и преку охрабрување на соработката меѓу културните институции. Проектот „Култура за развој“ е поддржан од Владата на Швајцарија, а се имплементира од страна на Хратефакт Фонд од крајот на 2024 година до крајот на 2028 година.

Поврзани вести