Skip to main content

Изложба на Милица Алимпиќ Илиќ во Ликовната галерија на „Марко Цепенков“ во Прлеп

На 21 август (петок) од 19.30 часот во Ликовната галерија на Центарот за култура „Марко Цепенков“ во Прилеп ќе биде отворена изложбата „Тивок ритам на формите“ од уметницата Милица Алимпиќ Илиќ од Србија. Изложбата е поддржана од Министерството за култура и туризам.

Изложбата „Тивок ритам на формите“ претставува серија на слики во која се појавува изразена женска фигура како централен носител на визуелната и емотивната приказна. Низ различни положби, движења и односи на фигурата со просторот, уметницата ги истражува и претставува внатрешните состојби на жената. Насловот на изложбата го отелотворува разбирањето дека формата, линијата и бојата не се само визуелни елементи, туку простор во кој телото, чувството и мислата се среќаваат сосема спонтано и искрено.
„Во композициите се менуваат геометриски форми и слободни, природни движења на фигурата. Контрастот на топли и ладни, светли и темни тонови, како и ритамот на повторувачки линии и облици, ја градат динамиката на секое дело. Фигурите понекогаш се поставени наспроти геометриски форми, а понекогаш како да израснуваат од нив, создавајќи рамнотежа помеѓу редот, хаосот и слободата. Делата се создадени со употреба на техники на акрил и масло на платно. Слоевитото нанесување на бојата, различните потези и ширини на четката, како и понекогаш нагласената текстура, создаваат специфична материјалност на површината. Во некои дела, материјалноста на бојата станува важен дел од ликовниот израз, додека фигурата и позадината меѓусебно се испреплетуваат и се надополнуваат. Посебна улога имаат линиите и трагите што ја следат фигурата, понекогаш нагласувајќи ја, а понекогаш создавајќи впечаток на движење. На овој начин, секоја фигура станува посебна приказна, но во исто време и дел од поголема, континуирана визуелна целина. Преку женската фигура, се обидувам да го доловам моментот во кој се среќаваат видливото и невидливото, оставајќи му простор на гледачот да го препознае или создаде својот ритам и својата приказна во овие форми – вели Милица Алимпиќ Илиќ.

Милица Алимпиќ Илиќ (Шабац, СФРЈ, 1984) е струковни ликовен уметник. Средното образование го завршила во Училиштето за уметнички занаети во Шабац, а дипломирала на Висока школа за ликовни и применети уметности струковних студија во Белград. Член е на Здружението на ликовните уметници на Шабац. Во својата досегашна уметничка кариера реализирала седум самостојни изложби во Србија и учествувала на бројни групни изложби во Србија, Македонија, Бугарија, Босна и Херцеговина, Полска, Канада, Турција, Мексико, Аргентина, Јапонија и Јужна Кореја. Покрај авторската практика, активно се занимава со едукација и илустрација. Води ликовни работилници за деца и возрасни и илустрира книги и сликовници. Еден е од основачите и организаторите на Меѓународната ликовна колонија „Накучани“, која се одржува од 2010 година, како и на Интерконтиненталниот детски онлајн ликовен натпревар „Доброчинство“, основан во 2022 година. Учествувала на бројни ликовни колонии во Србија, Македонија и Босна и Херцеговина, како и на Меѓународниот симпозиум „ФОРМА“ во Бугарија. Во текот на 2022 година била член на редакцискиот одбор на списанието „КИРКА“.

За својата работа е добитник на награди и признанија, меѓу кои: Прва награда на колективната изложба „PrimaverARTE 2024“ Галерија „Жизел Дуран“, Буенос Аирес, Аргентина, ( 2024), Пофалница на 19. Пролетен салон на Галеријата на Центарот за култура „Масука“ во Велика Плана (2018) и Прва награда на изложбата „Арт Феникс“ во Скопје (2015), на тема „Карневал“.

Поврзани вести