
Германскиот автопроизводител „Порше“ наскоро би можел да почне нова рунда намалување на трошоците, вклучително и нови отпуштања.
Германскиот производител поминува низ еден од најпредизвикувачките периоди последниве години. По веќе најавените 3.900 отпуштања за време на мандатот на Оливер Блуме, како што објавуваат медиумите, неговиот наследник размислува за намалување на дополнителни 5.000 работни места, а и мерки како што се намалување на платите, наводно, се на маса. Причината е намалувањето на продажбата, како и надолниот тренд.
По рекордната 2023 година, кога им испорача 320.221 автомобил на клиентите, „Порше“ падна на 279.449 продадени возила минатата година.
Во првите шест месеци од 2025 година, вкупната побарувачка ширум светот се намали за 15 отсто, а континуираниот пад на продажбата на кинескиот пазар, каде што домашните производители сè повеќе ги преземаат клиентите, е особено загрижувачки за германската компанија. Трендот на намалување продолжи и годинава.
Според германскиот „Автомобилвохе“, извршниот директор Михаел Лајтерс оваа недела му претставил на Надзорниот одбор план според којшто „Порше“ би можел да укине уште околу 5.000 работни места. Доколку предлогот биде прифатен, вкупниот број на отпуштања би се зголемил на околу 9.000 отпуштени.
Според истите информации, се разгледува и можноста за намалување на платите. За возврат, оние кои ќе останат во компанијата би добиле гаранција дека нема да бидат отпуштени од деловни причини до 2035 година.
Компанијата е под притисок и зашто следните две години ќе изгуби неколку клучни модели. Производството на „Макан“ со мотор со внатрешно согорување завршува овој месец, додека неговиот наследник нема да пристигне пред 2028 година. Состојбата со моделите „718 Бокстер“ и „718 Кајман“ не е ништо подобра. Нивното производство заврши минатата есен. Електричните верзии допрва треба да пристигнат, пред верзиите со бензински мотори треба да се појават подоцна.
Германските медиуми објавуваат и дека поголемиот дел од новите отпуштања ќе влијаат на одделот за истражување и развој.
„Порше“ веќе работи со „Ауди“ на развој на идните модели со цел да ги сподели трошоците и да го забрза развојот на нови технологии, што исто така ја намалува потребата од голем број вработени во одделите за развој.
Според германските медиуми, и „Фолксваген“, исто така, размислува за значително намалување на работните места. Неофицијално, целата групација „Фолксваген“ наредните години би можела да отпушти до 140.000 вработени лица, за да ги намали трошоците и да се приспособи на сè побавниот пазар на електромобили и на зголемената конкуренција, особено од Кина

Македонски


