
На 26 јули, во Музејот на град Скопје ќе биде отворена изложба со досега неприкажани фотографии на Васил Хаџиманов од погребните и тажачките обреди по земјотресот во 1963 година, а ќе биде промовирано и дополнетото двојазично издание на книгата „Тажачки песни од скопскиот земјотрес во 1963 година“.
На 26 јули, кога Скопје ја одбележува годишнината од катастрофалниот земјотрес од 1963 година, во 20.30 часот во Музејот на град Скопје ќе биде отворена изложбата „Архив на тага: Скопје 1963“, а ќе биде промовирано и дополнетото двојазично издание на книгата „Тажачки песни од скопскиот земјотрес во 1963 г. (Од архивските материјали на Васил Хаџиманов)“.
Настанот за првпат ќе претстави дел од досега неприкажаните фотографии и архивски материјали што фолклористот и мелограф Васил Хаџиманов ги создал непосредно по земјотресот, поврзувајќи ги со дигитализирани звучни записи од тажачките обреди.
Изложбата и книгата нудат два различни, но меѓусебно поврзани погледи кон истото архивско наследство. Преку фотографиите и записите се документирани погребните обреди и гласовите на жените кои ги оплакувале своите блиски по земјотресот, сведочејќи не само за личната загуба, туку и за колективната меморија на градот.
Книгата, чии автори се Ана Мартиноска и Жарко Иванов, првпат беше објавена во 2023 година со цел пред научната и пошироката јавност да се претстави корпусот на тажачки песни што Васил Хаџиманов ги снимал на погребите и помените на жртвите. За ова издание авторите ја добија државната награда „Гоце Делчев“ за 2024 година, како и наградата „13 Ноември“ на Град Скопје.
Новото издание е проширено со дополнително пронајдени архивски белешки и фотографии, како и со музиколошки прилог од Вера Милошевска-Јосифовска, кој ги анализира мелодиските, ритмичките и изведувачките особености на материјалот.
Значајна новина е и англискиот превод на Милан Дамјаноски, со што архивските записи и научните анализи стануваат достапни и за меѓународната научна јавност.
Преведувањето на еден ваков корпус поставува специфични предизвици. Дијалектните форми, роднинските називи, вокативните обраќања, повторливите тажачки формули и значенските нијанси на усната изведба не секогаш имаат непосредни еквиваленти во англискиот јазик. Во преводот се настојува да се зачува документарната вредност на записите, а притоа да се овозможи нивно читање и разбирање надвор од македонската јазична и културна средина. Двојазичниот распоред му дава можност на читателот непосредно да го споредува оригиналот со преводот и да ги согледа местата каде што јазичната и културната специ фичност бараат дополнително толкување – велат Мартиноска и Иванов.
Изложбата „Архив на тага: Скопје 1963“, подготвена во соработка со фотографот-документарист Иван Блажев од Архивот на МАНУ „Харалампие Поленаковиќ“, за првпат ќе прикаже фотографии што Васил Хаџиманов ги направил на скопските гробишта по земјотресот. Посетителите, покрај фотографиите, ќе можат да ги слушнат и дигитализираните звучни записи од тажачките песни, создавајќи единствено искуство што ги спојува визуелната и звучната меморија.
Авторите оценуваат дека со ова издание и изложба се отвора нов простор за проучување на богатата архивска оставнина на Васил Хаџиманов, чиј документаристички и собирачки труд сè уште не е целосно истражен, а голем дел од материјалите остануваат предизвик за идните истражувачи на македонската фолклористика, етномузикологија и културна историја.

Македонски


