
Еден од најдобрите ракометни судии во светот, Ѓорѓи Начевски, во своето излагање на тема странски или домашни играчи, на денешната панел-дискусија „Ракометот спорт број 1?“ рече дека странците се неопходни во македонската лига, но побара при нивното ангажирање да се води сметка за нивниот квалитет.
– Јас сум голем критичар на странско, но треба да сме и реални, колку имаме квалитетни македонски играчи? За да не зависиме од странци, бидејќи сме лимитирани со наши играчи, потребно е едуцирање на македонски тренери и „вадење“ македонски ракометари. Исто така и стратегијата на клубовите е важна, дали ќе се прави тим за иднина, или за евентуален моментален успех.
И ние како судии наидуваме на многу пречки и проблеми. Според успеси сме спорт број 1, но според услови, инфраструктура, финансиски проблеми на клубовите, инвестициите, не сме, рече Начевски.