
Поранешниот играч на Вардар кој двапати со клубот ја освои европската титула, Иван Чупиќ во следните две сезони ќе биде тренер на „црвено-црните“. Тој денеска беше промовиран како нов шеф на стручниот штаб, и доаѓа на местото аргентинскиот стратег Гиљермо Милано, кој се задржа во клубот помалку од една сезона.
Чупиќ во периодот од 2016 до 2021 беше дел од клубот. По завршувањето на играчката кариера, Чупиќ беше дел од стручниот штаб во Загреб како асистент, а минатата сезона го водеше Метковиќ и му обезбеди опстанок.
„Благодарност до клубот Метковиќ, кој ми даде шанса минатата сезона да собирам искуство тренерско, но кога дојде повик од Вардар, тоа е мојот друг дом, не можев да одбијам ниту да размислувам. На клубот, на претседателот сум благодарен на оваа шанса, многу сум горд. Знаете што за мене значи Вардар, Скопје, Македонија, Комити, нема да се повторувам за таа приказна. Можам да ветам дека целата моја екипа следната сезона мора да има голема одговрност и дека мора да бидеме почестени што сме дел од ваков голем клуб како Вардар. Со мојот стручен штаб сакам да им го пренесам на играчите што значи да се биде дел од Вардар. Тоа ќе го почнеме уште од првиот ден, Вардар е поголем клуб од сите нас. Со голем ентузијазам и голема желба сакам да ги оствариме сите цели што стојат пред нас и ветувам дека сите ќе го ставиме Вардар пред себе и ќе работиме да ја вратиме титулата по три сезони. Горд сум што ќе работам во ваква лига, за мене притисокот е добра работа“, изјави Чупиќ