
Екипите на МЗТ Скопје Аеродром и Маџари вечерва во СЦ „Јане Сандански“ ја почнуваат финалната серија во борба за шампионската титула во кошаркарскиот првенство. МЗТ Скопје А. го брани шампионскиот пехар, додека дебитантот во суперлигашкото натпреварување Маџари во својата прва сезона стигна до борба за првото место.
Тренерот на првакот Васко Атанасов пред финалето истакна:
Со настапите во првенството и во плеј-офот Маџари покажа квалитет кој треба да се респектира. Немаме намера да го потцениме, без разлика што е дебитант во елитата. Се подготвуваме максимално, веруваме во својот квалитет и сме подготвени да дадеме се од себе за да ја одбраниме титулата. Но, свесни сме дека сè зависи од нас самите.
Првиот тренер на Маџари, која ќе биде наредниот предизвикувач на МЗТ Скопје Аеродром во финалето, Миодраг Тодоровиќ, најавува борба до последниот атом на енергијата:
Интересно е дека првенството оваа година започна со натпреварот МЗТ Скопје Аеродром – Маџари, а така и ќе заврши. Што се однесува до мојата екипа, едно сигурно знам, дека ќе дадеме се од себе, секој атом од силата, ќе се бориме секоја секунда, за секој поен, за секој посед! Не доаѓаме во Аеродром со бело знаме, напротив. Одиме до крај, и сакаме оваа наша бајка од соништата да има среќен крај.
Инаку, Тодоровиќ пред две години ја имаше улогата на помошник на Атанасов на клупата на МЗТ Скопје Аеродром.
Почетокот на првиот финален натпревар е во 20:30 часот, а се игра во три добиени натпревари. Првите два на теренот на МЗТ Скопје Аеродром, а следните два на терен на Маџари, додека евентуалната „мајсторка“ повторно на теренот на МЗТ Скопје Аеродром.

Македонски

