Skip to main content

Марјан Максимилијан Денков одбележа 20 години во Париз и 14 години од брендот Rue Monsieur Paris

Во салоните на македонската Амбасада во Париз се одржа свечен настан посветен на два значајни јубилеи на архитектот за ентериер и дизајнер со македонско потекло Марјан Максимилијан Денков – 20 години живот и творење во француската престолнина и 14 години од основањето на брендот Rue Monsieur Paris Interiors.

Настанот беше поддржан од Министерството за култура и туризам и организиран под високото покровителство на амбасадорот во Франција, проф. д-р Игор Гила Николов. Во атмосфера што спои уметност, дипломатија и современ дизајн, гостите имаа можност да се запознаат со креативниот свет на Денков – автор кој повеќе од една деценија остава препознатлив печат на француската и меѓународната дизајнерска сцена.

Rue Monsieur Paris Interiors претставува концепт на современ животен стил во кој се спојуваат традиционалното мајсторство, уметноста и современиот комфор. Во своите проекти, Денков создава внимателно осмислени простори каде мебелот, осветлувањето, уметничките дела и амбиенталните детали се дел од уникатно визуелно и сетилно доживување.

Особено внимание на настанот привлече кулинарската инсталација на Нисрин Зермани – торта во форма на маса, изработена како впечатлив trompe-l’œil, која беше дегустирана од присутните гости и претставуваше симболично спојување на гастрономијата и дизајнот.

Денков дипломирал на престижната Национална школа за ликовни уметности во Париз (ENSBA) во 2007 година. Неговото творештво е инспирирано од словенското културно наследство, византиската традиција, античката грчко-римска цивилизација и османлиските влијанија – културни слоеви што тој ги преточува во современ и препознатлив визуелен јазик.

По дипломирањето работел на бројни меѓународни изложби, музеи и биеналиња на современа уметност во Солун, Пекинг, Њујорк, Букурешт, Барселона, Брисел, Скопје, Варшава, Берлин и Париз. Неговиот авторски пристап е препознатлив по смелите просторни трансформации и вниманието кон секој детал.

Успехот на Rue Monsieur Paris


Брендот Rue Monsieur Paris е основан во 2012 година во Париз и за кратко време успева да се позиционира на меѓународната сцена. Само шест месеци по неговото основање, париските Galeries Lafayette му ги посветуваат своите излози во рамки на Paris Design Week, што претставува редок успех за млад дизајнерски бренд.
Покрај дизајнот на ентериери, Денков создава мебел, авторски концепти за излози и уредува приватни резиденции. Во соработка со инженерите на Zavar Design ко-дизајнира радијатори изработени по мерка, за што е добитник на признанието Best Innovative Design на AD Show во Њујорк, доделено од Американското здружение на ентериерни дизајнери.
Неговата работа е препознаена и од градоначалничката на Париз, Anne Hidalgo, а брендот Rue Monsieur Paris бил дел од престижната изложба на француското занаетчиство и уметнички вештини во Kunstgewerbemuseum во Берлин.

На настанот присуствуваа и високи гости од дипломатскиот кор и културните институции. Меѓу нив беа претставници на УНЕСКО, потпретседателот на францускиот парламент Себастиан Шену, како и претставници од француското Министерство за внатрешни работи, со кое македонската Амбасада остварува блиска соработка.

Со овој јубилеен настан во Париз, Марјан Максимилијан Денков уште еднаш ја потврди својата позиција како еден од најуспешните македонски креативци на меѓународната сцена, продолжувајќи да го афирмира македонското творештво и современиот дизајн пред светската публика.