
По повод 1 Јуни – Меѓународниот ден на детето и Денот на згрижувачките семејства, претседателката Гордана Сиљановска-Давкова прими дечиња и претставници на згрижувачките семејства од СОС Детско село, како и дел од раководството на организацијата.
Оддавајќи им почит за благородната дејност и хуманоста, претседателката ги оквалификува згрижувачите како големи мајки и татковци, како големи родители.
Со Вас домот не е само куќа – истакна таа и додаде дека неопходно е соодветно да се вреднува нивниот труд којшто го вложуваат во чувањето и воспитувањето на децата, стои во соопштението од Кабинетот на претседателката.
Според неа, згрижувачките семејства имаат потреба од згрижувачки однос на државата кон нив.

Во придружба на, како што и самите ги викаат, „нивните деца“ згрижувачите и претставниците на СОС Детско село со претседателката разговарале за можни решенија во насока на градење на функционален систем на згрижувачки семејства, посочувајќи можни решенија како: згрижувањето да го третираме како работа со бенефициран стаж, пришто згрижувачите ќе имаат здравствено и пензиско осигурување, како и право на боледување, право од коешто сега се лишени.

Секое дете има право на образование, сигурност и безгрижно детство – заклучи Сиљановска-Давкова, истакнувајќи дека мора да најдеме соодветни решенија за валоризација на трудот, посветеноста и љубовта којашто ја даруваат згрижувачите, но и решенија коишто ќе поттикнат нови згрижувачки семејства.
Во рамки на посетата, дечињата ги разгледале работните простории во Кабинетот и се запознале и со надлежностите на претседателката.
Фото: Кабинет на Претседател

Македонски


