
На самиот истек од преодниот рок, остварена е желбата на ЖФК Љуботен – актуелен шампион во македонската женска фудбалска лига веќе три години. Во редовите на тетовскиот клуб пристигна младата Меланија Грозданова, која ќе биде нова офанзивна закана во нападот.
Иако има само 16 години, Грозданова важи за еден од најперспективните таленти во женскиот фудбал во Македонија. Љуботен во новата сезона повторно ќе атакува на шампионската титула и пласман во европските натпреварувања, а токму Грозданова треба да биде едно од клучните имиња во тој поход.

Својот деби-настап го имаше во неделата против ЖФК Топ Гол. На полувреме резултатот беше 0-1 за Љуботен, а веднаш по нејзиното влегување, младата напаѓачка со прекрасен дриблинг и спектакуларен удар зголеми на 0-2. Само пет минути подоцна, по одлична асистенција на Хава Мустафа, Грозданова повторно ја затресе мрежата и го постави конечниот резултат.
Со ваков старт, Меланија најави дека сериозно ќе конкурира со најискусните напаѓачки за титулата прв стрелец во женската лига, и тоа како една од најмладите фудбалерки што некогаш настапувале на овој квалитативен ранг.