
Меѓународната фудбалска федерација (ФИФА) објави дека церемонијата на затворање на Светското првенство во 2026 година ќе се одржи во недела, 19 јули, пред финалниот натпревар на стадионот во Њујорк. За прв пат паузата на полувремето ќе трае 30 наместо 15 минути.
Италијанската пејачка Лаура Паузини, британскиот пејач Роби Вилијамс, американската пејачка Никол Шерцингер и интернет ѕвездата „IShowSpeed“ ќе учествуваат во програмата, додека холивудскиот актер Том Круз исто така ќе се обрати на публиката.
Американската пејачка и актерка Џенифер Хадсон, добитничка на наградите Еми, Греми, Оскар и Тони, ќе ја изведе националната химна на Соединетите Американски Држави пред почетокот на финалниот натпревар.

ФИФА изјави дека церемонијата ќе биде посветена на патувањето на сите 48 национални селекции низ трите земји домаќини, Соединетите Американски Држави, Канада и Мексико, и 16 градови домаќини, со комбинација од музика, култура и фудбал.
Програмата е организирана од продуцентската куќа „Balich Wonder Studio“, а ФИФА објави дека во наредните денови ќе бидат претставени дополнителни изведувачи и специјални гости.
„Церемонијата на затворање ќе ја заокружи приказната за ова историско Светско првенство преку музика, култура и фудбал, пред да започне долгоочекуваното финале кое ќе го одлучи новиот светски шампион“, изјави директорот за операции на Светското првенство, Хајмо Ширги.
Церемонијата ќе започне во 13:30 часот по локално време, односно 90 минути пред почетокот на финалето, додека портите на стадионот ќе бидат отворени четири часа пред натпреварот. Организаторите ги поканија навивачите да дојдат порано за да учествуваат во придружната програма и забава пред финалето

Македонски



