Skip to main content

Мицкоски од Сарај: Владата останува посветена на реализација на ветените проекти

Премиерот Христијан Мицкоски денеска од Сарај порача дека Владата останува целосно посветена на реализацијата на проектите што им биле ветени на граѓаните, истакнувајќи дека токму преку тимска работа се постигнуваат конкретни резултати.

При посетата на општината, Мицкоски оцени дека проектот што се реализира е капитална инвестиција од витално значење, која директно ќе придонесе за подобрување на квалитетот на живот на жителите.

„Станува збор за капитален проект од витално значење, кој има за цел да го подобри квалитетот на живот на населението што својата иднина ја гради токму овде“, рече премиерот.

Тој им се заблагодари на сите кои придонеле за реализацијата на проектот, посебно нагласувајќи ја улогата на градоначалникот на Чаир и копретседател на ВЛЕН, Изет Меџити, кој, како што рече, уште како министер за животна средина го започнал процесот за негова реализација.

Воедно, Мицкоски упати благодарност и до пратениците од Сарај, оценувајќи дека нивниот ангажман за обезбедување повеќе проекти за општината придонесува за подобри резултати.

„Само со ваква тимска работа можеме да го постигнеме она што граѓаните го очекуваат од нас како политичари“, истакна тој.

Премиерот порача дека Владата ќе продолжи да ги исполнува преземените обврски, иако, како што рече, предизвиците се бројни, а проблемите што се таложеле со децении не можат да се решат преку ноќ.

„Оваа Влада останува посветена на реализирање на проектите и на ветувањата што сме ги презеле како обврска. Не е лесно, предизвици има многу, но нема да очајуваме. Бараме начин и можност да го реализираме сето она што претставува приоритет за граѓаните“, нагласи Мицкоски.

Тој им се заблагодари и на граѓаните на Сарај за трпението и разбирањето додека започнува реализацијата на проектите, како и на министрите и владините функционери за, како што рече, заедничката работа во интерес на граѓаните и државата.

„Благодарам на граѓаните на Општина Сарај што беа трпеливи овие проекти полека, но сигурно да почнат да се реализираат, како и на сите колеги од Владата кои покажуваат како се работи во интерес на граѓаните и на Македонија“, изјави Мицкоски.

Поврзани вести