
Сопственикот на Наполи и филмски продуцент Аурелио Де Лаурентис (76) обелодени дека актуелниот европски првак ПСЖ му понудил повеќе од 200 милиони евра за напаѓачите Хвича Кварацхелија и Виктор Осимен за време на ланското Европско првенство, јавија денеска италијанските медиуми.
Кварацхелија дојде од грузискиот клуб Динамо Батуми во Наполи во јули 2022 година за 13 милиони евра, додека клубот од Неапол плати рекордна трансфер сума од 79 милиони евра за Осимен, кого го ангажираше две години претходно од француски Лил.
Двајцата играчи се истакнаа во сезоната 2022-23, кога Наполи ја освои својата трета титула во италијанското првенство по пауза од 33 години. Осимен беше најдобар стрелец во лигата со 31 гол, додека Кварацхелија, кој постигна 14 голови и додаде 17 асистенции, беше прогласен за најкорисен играч во Серија А.
„Кварацхелија беше брилијантен во својата прва сезона во нашиот клуб, па му понудивме подобар и многу побогат договор во летото 2023 година. Но, неговиот менаџер само одолговлекуваше, очигледно имаше други планови дури и тогаш, рече Де Лаурентис.
Минатото лето, раководството на Наполи неочекувано се соочи со проблеми, откако Осимен одби да игра за Наполи и побара да биде ставен на трансфер листата.
„За време на Европското првенство во Германија, Осимен нè изненади сите велејќи дека повеќе не сака да игра за Наполи. Отидов во Диселдорф за повторно да преговарам со менаџерот на Кварацхелија, а тој ме бомбардираше со приказни за тоа како му должиме пари, кои наводно му биле ветени на Кварацхелија, а не биле платени. Тоа беше целосна лага. Потоа ПСЖ понуди повеќе од 200 милиони евра за Кварацхелија и Осимен. Ќе беше најлесно да ги продадовме на ПСЖ тогаш. Но, ја одбив понудата на ПСЖ, бидејќи му дадов ветување на тренерот Антонио Конте, кој штотуку го презеде клубот, во врска со играчкиот кадар и не сакав да го прекршам зборот“, објасни Де Лаурентис.
Во јануари оваа година, Наполи го продаде грузискиот напаѓач на ПСЖ за 75 милиони евра, а нигерискиот центарфор беше продаден на Галатасарај минатиот месец, исто така за 75 милиони евра.
И покрај тоа што не можеше да смета на своите двајца најдобри играчи, тренерот Конте успеа да го освои „скудетото“ со Наполи минатата сезона