
Меѓународната фудбалска федерација (ФИФА) ја претстави официјалната топка за Светското првенство во 2026 година, кое заеднички ќе го организираат САД, Мексико и Канада.
Топката, наречена Трионда, повторно е дизајнирана од германскиот производител на спортска опрема Адидас, кој е официјален партнер на ФИФА од Светското првенство во 1970 година.
„Воодушевен сум и горд што ја претставувам Трионда“, рече претседателот на ФИФА, Џани Инфантино, на промоцијата одржана синоќа во Њујорк.
Првото Светско фудбалско првенство во историјата на кое домаќини ќе бидат три земји со учество на 48 репрезентации, беше инспирација и за името и за дизајнот на топката, која има црвена, сина и зелена боја.
Симболите на секоја земја домаќин – јаворовиот лист на Канада, мексиканскиот орел и ѕвездите на САД – исто така се прикажани на топката, со триаголник што го претставува единството на трите земји.
Во топката е вграден чип со сензор што ќе пренесува информации за движењето на топката, испраќајќи податоци до ВАР системот.
Светското првенство во фудбал во 2026 година ќе се одржи од 11 јуни до 19 јули.
Жрепката за составот на групите ќе се одржи на 5 декември во Вашингтон