
На 22 октомври ќе се одржи дванаесетчасовен мултимедијален фестивал „Хаус оф Три“ (House of 3) на три сродни и препознатливи локации во центарот на Скопје — во „Три Кичен & Бар“ и во ноќните клубови „Клуб 1212“ и „Станица 26“.
„Хаус оф Три е повеќе од фестивал — тоа е синергија што ги спојува луѓето.
Идејата започна пред три години сосема спонтано, од желбата да направиме место, каде што музиката, уметноста и локалните брендови ќе се сретнат на три поврзани и сродни локации,“ вели Еми Ермилова, креатор и организатор на фестивалот.
„Оваа година имаме одлична програма со интернационални и локални диџеи, поп-ап шоп, винил маркет и фуд корт. Сакаме луѓето да се чувствуваат слободно и да уживаат, да разменуваат меѓусебни искуства и да ја понесат целата позитивна енергија со себе. Но, над сè, сакаме да го вратиме шармот на ноќниот живот на Скопје. Со секое ново издание, фестивалот програмски созрева, поттикнувајќи соработка, инспирација и љубов кон уметноста и позитивната енергија.“ додава Ермилова.
Почнувајќи во 18 часот, па сè до 6 часот наутро, ова трето издание на фестивалот, нуди настапи на интернационални гости и локални диџеи, винил маркет, поп-ап шоп со локални брендови и вкусна храна.
Фестивалот започнува во 18 часот во „Три Кичен & Бар“, каде на винил маркетот ќе се претстават љубители и колекционери на грамофонски плочи, со цел да ги обединат фановите и колекционерите на винил. На истата локација ќе биде поставен и поп-ап шоп, на кој ќе се претстават локалните современи дизајнерски брендови „5 до 12“, „Кактус“, „Фабрика“, „Финкс арт“ и „Милч“. На овој базар посетителите ќе можат да уживаат во винтиџ и модерна облека, аксесоари, шапки (bucket hats), постери, привезоци и други креативни изненадувања. Барот нуди за посетителите и вкусна храна, збогатена со музичка програма на локалните диџејки Емили Нас и Ермилова, а подоцна во ноќта, до 1 часот по полноќ, ќе настапат и Аните б2б Немакс, носејќи хипнотички грув и силна енергија.
Случувањата во „Три Кичен & Бар“ ќе траат до 1 часот по полноќ, по што програмата продолжува во двата ноќни клуба — „Клуб 1212“ и „Станица 26“.
Од полноќ, во „Клубот 1212“ ќе гостува диџејката Џејн Рајз, со локална поддршка од диџејот Базел. Џејн Рајз брзо станува едно од највозбудливите нови имиња на електронската музичка сцена. На само 28 години, таа веќе има оставено значаен печат како диџејка, пејачка и продуцент, освојувајќи ја публиката низ целиот свет со својот уникатен спој на афро и хаус музика. Растејќи во музичко семејство, Џејн уште од најрана возраст била длабоко инспирирана од ритмови и мелодии, кои силно ја обликуваат нејзината уметничка приказна.
Едновремено, фестивалската приказна од полноќ ќе се одвива и во „Станица 26“, каде ќе настапи веќе добро познатиот диџеј Лехар, со локална поддршка од диџејот Веки.
Додека се слуша музиката на Лехар, може да се препознае дека интуицијата и емоцијата се основа на неговиот креативен процес, кој резултира со музички импровизации. Дебитантското ЕП на Лехар, „Саргас“, издадено на издавачката куќа „Конесер Рекордингс“ од Офенбах, го постави на мапата на современата електронска сцена и го претставува неговиот уметнички манифест — мешавина од звуци со драматични ефекти, преплетени со интимни бас линии и интригантни мелодии.