Skip to main content

Музичката сензација Baby Lasagna доаѓа на Get EXITed во Струмица!

Страстен љубител на мачки, фан на култната серија The Office и сопственик на еден од најоригиналните музички псевдоними на денешницата – Baby Lasagna доаѓа на Get EXITed журката во Струмица! По неговиот сензационален настап со кој речиси ја освои Евровизија и стана апсолутен победник во очите на европската публика, како и енергичното отворање на нултиот ден од EXIT фестивалот минатата година, тој зачекори на најголемите светски сцени и фестивали – а неговата следна возбудлива станица е токму Големиот парк во Струмица!

Зад името кое ја освои публиката ширум светот стои Марко Пуришиќ, автентичен и харизматичен уметник од Умаг. Неговиот музички пат од самиот почеток го одбележува желбата да твори според свој вкус, преку саморефлексија и лични погледи на светот. Не, тоа не беше слава преку ноќ – зад тоа стојат години напорна работа и трагање, од првите бендови и турнеи до пишување песни за други изведувачи. Дури кога одлучил да го стави својот глас во преден план, го пронашол изразот што допре до милиони луѓе и го остварил она што некогаш било само неостварлив детски сон.

Со музика се занимава од деветгодишна возраст, кога почнал да свири гитара и влегол во првите бендови. Како тинејџер бил дел од фолк-метал составот Mantra, со кој настапувал низ Европа, но тогаш повеќе го привлекувало компонирањето отколку сцената и турнеите. Потоа следела соработка со германскиот готик-рок бенд Mono Inc., за кој пишувал на албум што станал бестселер во Германија и му ги отворил вратите кон професионалното создавање. Од тоа искуство произлегол и неговиот сопствен проект – Baby Lasagna, преку кој денес ги објавува своите песни како „Biggie Boom Boom“, „and I“ и „IG Boy“.

„Rim Tim Tagi Dim“ не е само победничката песна на верната евровизиска публика, туку и нумера што со својата моќна, речиси „рамштајновска“ енергија и традиционалната балканска естетика стана еден од најомилените глобални хитови. Со над 70 милиони прегледи, и понатаму е една од најслушаните песни денес. Таа ја надмина рамката на евровизиски песни и стана симбол на иновацијата – дело што со својата енергија го проби мејнстримот. Затоа остана запаметена не само како хит на годината, туку и како чекор напред што инспирира нови уметници да бидат похрабри во спојувањето на, наизглед, неспоивото.

По второто место на најпопуларниот музички натпревар во Европа, Baby Lasagna тргна во освојување на европските сцени. Беше и еден од хедлајнерите на Sea Star фестивалот во родниот Умаг, каде што публиката го пречека како локален херој.

Потоа следуваше нултиот ден на 24-то издание од EXIT фестивалот, каде што на Tesla Universe бината внесе вистинска ерупција на енергија и предизвика невидени овации од публиката. Токму тогаш, за првпат ги изведе некои од своите песни од, тогаш необјавениот, а денес мошне слушан деби албум „DMNS & MOSQUITOES“. „Никогаш досега не сум настапувал на толку голема бина, никогаш пред толку многубројна и подобра публика,“ рече Марко за време на својот прв настап во Србија – настап кој кулминираше со заедничко селфи и доказ дека оваа вечер, публиката и емоцијата ќе останат врежани во неговото сеќавање засекогаш.

Тој настап претставуваше повеќе од успешна увертира за неговата прва голема турнеја – „Meow Back Tour“, со која посети над дваесет европски градови. Веднаш потоа започна голема летна турнеја со настапи низ целиот регион, како и во Холандија, Англија, Шкотска, Полска, Финска и други земји.

Неговиот повраток на Евровизија, овој пат во Базел, донесе и посебно изненадување – заедно со Käärija, настапи во уникатен mash-up перформанс „Cha Cha Cha / Rim Tim Tagi Dim“. Двајцата најомилени евровизиски изведувачи од поновата генерација ги споија своите експлозивни и разиграни енергии во дуетот #eurodab. Тоа беше фантастична комбинација, а настапот веднаш стана вирален – социјалните мрежи беа преплавени со коментари за „дуетот од соништата“ на сите фанови на Евровизија.

На големата претстојна Get EXITed журка во Струмица, Baby Lasagna доаѓа во сабота, 7-ми септември, кога Струмица по четврти пат ќе стане епицентарот на регионот. Во Големиот градски парк ќе настапат и светски познатиот диџеј Jax Jones, како и легендарните Бајагa и Инструктори. Публиката ја очекува ноќ за паметење, исполнета со хитови од повеќе жанрови, врвна енергија и бројни изненадувања, а целосната програма наскоро ќе биде објавена.

Поврзани вести