
Српскиот филм „Отецот наш“ во режија на Горан Станковиќ, во кој Македонија е малцински копродуцент, ќе ја има светската премиера на 50. Меѓународен филмски фестивал во Торонто. Станува збор за фестивал од А-категорија, а ќе биде прикажан во Discovery. Македонски продуцент е Огнен Антов од „Дрим фактори“ од Скопје. Улогите ги толкуваат: Борис Исаковиќ, Вучиќ Перовиќ, Тони Михајловски.
– Ова е дело што нè предизвика сите нас – приказна за верата, моќта и тенката линија меѓу спасението и контролата. Преку Дејан, маестрално одигран од Исаковиќ, заедно со Перовиќ, Михајловски и други го истражуваме човечкото искуство во неговата најсурова форма. Снежана ван Хоувелинген и јас го почнавме нашето филмско патешествие со „Споменик за Мајкл Џексон“, но „Отецот наш“ е освојување на нов врв во нашата заедничка авантура. Ова не е само филм – ова е дијалог со публиката, повик да се размисли за системите што нè обликуваат. Со нетрпение очекуваме светот да ја види оваа приказна на Торонто, а потоа и во кината кај нас до крајот на годината! – вели Антов.
Тој се заблагодарува на целата екипа и сите копродуценти за нивната посветеност, професионалност и визија. Ова е за сите нас што веруваме во моќта на филмот да го менува светот и да раскажува за вистината, додава продуцентот.