
Вечерва во Кинотека на Македонија, со почеток во 20:00 часот ќе бидат прикажани осум кратки македонски спортски документарци снимени во 50-те, 60-те, 70-те и 80-те години од минатиот век. Станува збор за документарни филмови креирани од сега веќе легендарните македонски режисери, сценаристи и сниматели. Вечерва ќе имате одлична прилика да ги погледните следниве инспиративни документарци:
„ЧЕТВРТО СОЈУЗНО ПАДОБРАНСКО ПРВЕНСТВО“
Документарен филм, Македонија
1954, 11 мин., црно-бел, 35мм
Режија: Љубе Петковски, Кочо Недков
Сценарио: Љубе Петковски, Кочо Недков
Снимател: Љубе Петковски, Кочо Недков
Филмот е репортажа од Четвртото падобранско првенство на Југославија што се одржа во Охрид во 1954 година во организација на Воздухопловниот сојуз на Југославија.
„ШАМПИОНИ НА ВОДНИТЕ ПРОСТРАНСТВА“
Документарен филм, Македонија
1962, 13 мин., црно-бел, 35мм
Режија: Вељо Личеноски
Сценарио: Вељо Личеноски, Бранко Михајловски
Снимател: Бранко Михајловски, Мишо Самоиловски
Репортажа од Првиот светски шампионат во маратонско пливање во слатки води што се одржа на 5-ти август 1962 година на Охридското езеро. Запознавање со учесниците и со победниците во трите дисциплини: аматери, аматерски и професионалци кои се натпреваруваа на патеката долга 34 километри. Во натпреварот учествувале 22 пливачи од 11 земји.
„XIV ФИНАЛЕ НА ФУДБАЛСКИОТ КУП: ВАРДАР – ВАРТЕКС“
Документарен филм, Македонија
1961, 9 мин., црно-бел, 35мм
Режија: Бранко Ивановски-Гапо
Сценарио: Бранко Ивановски-Гапо
Снимател: Бранко Михајловски, Киро Билбиловски, Мишо Самоиловски
Снимка од фудбалскиот натпревар во рамки на Купот на Маршал Тито кој се одржал во 1961 година во Белград помеѓу фудбалските клубови „Вардар“ од Скопје и „Вартекс“ од Вараждин.
„ЖЕЛЕЗНИОТ ПРЕГРАБ“
Документарен филм, Македонија
1978, 11 мин., колор, 35мм
Режија: Скендер Кули
Сценарио: Гане Тодоровски
Снимател: Мишо Самоиловски
Традиционалната боречка вештина позната како пеливанство сè уште се негува во некои краеви на Македонија. Можеби тука може да се лоцира една од причините за успешноста на националните боречки кадри во светски рамки, кои досега освојуваа медали и на Олимпијади и на светски шампионати во борење. Еден од нив е и Тефик Демири, кој преку пеливанството стигнува до повеќекратен државен шампион во борење во слободен стил.
„ШЕСТИОТ ИГРАЧ“
Документарен филм, Македонија
1976, 11 мин., колор, 35мм
Режија: Кочо Недков
Сценарио: Кочо Недков
Снимател: Бранко Михајловски
Личноста на Лазар Лечиќ, тренер на кошаркарскиот клуб “Работнички“ од Скопје е пример за огромен динамизам и професионализам во работата. Следејќи ги неговите реакции за време на кошаркарски натпревар, сведоци сме на вистинска драма исполнета до максимум со најразлични емоции и гестикулации. Неговото лице во полна мера и на многу карактеристичен начин го изразува сето она што се случува на теренот. Филмот, во кој наизменично се менуваат кадри од збиднувањата на теренот, реакциите на Лечиќ и на публиката, е добитник на наградите на Фестивалот на спортски филмови во Крањ и на СОФК за најдобар филм со спортска тематика во 1976 година, а Кочо Недков ја доби републичката награда 13-ти Ноември за режија на филмот.
„КАЈАК“
Документарен филм, Македонија
1976, 14 мин., колор, 35мм
Режија: Кочо Недков
Сценарио: Кочо Недков
Снимател: Бранко Михајловски, Мишо Самоиловски
Во 1975 година на реките Радика и Треска во Македонија се одржа Четиринаесеттото светско првенство во кајак и кану. На првенството учествуваа натпреварувачи од целиот свет. Во дивите и распенети води на брзите реки, спортистите преку своите вештини и издржливост ги совладуваат зададените резултати и поставуваат нови рекорди. Филмот е добитник на Сребрениот медал за режија на Фестивалот на југословенски краток документарен филм во Белград во 1976 година.
„ХУАСКАРАН – АНДИ ‘82“
Документарен филм, Македонија
1984, 21 мин., колор, 35мм
Режија: Кирил Ценевски
Сценарио: Слободан Стојков, Кирил Ценевски
Снимател: Слободан Стојков
Во 1982 година петнаесетчлена македонска алпинистичка експедиција заминува во Јужна Америка, во областа на Белите Кордиљери на североистокот од Перу, за да го реализира планираното искачување. Филмот го следи целото патешествие на експедицијата – од Скопје, преку Париз, до врвовите на Хуаскаран. Снимателот Стојков доби специјална награда на Фестивалот на документарен филм во Белград во 1984 година за својата работа на филмот.
„БОПС“
Документарен филм, Македонија
1982, 11 мин., колор, 35мм
Режија: Кочо Недков
Сценарио: Кочо Недков
Снимател: Драган Салковски
Човековата желба за победа, прикажана преку борбите на Светското првенство во борење во слободен стил што се одржа во 1981 година во Скопје. Драгомир Панков е добитник на „Златниот медал“ за монтажата на БОПС на Фестивалот за југословенски документарен филм во Белград во 1982 година.