Skip to main content

„Југо Флорида“ од Владимир Тагиќ е прогласен за најдобар филм на 24. „Синедејс“

Српскиот филм „Југо Флорида“ на режисерот Владимир Тагиќ ја доби наградата за најдобар филм во официјалната конкуренција на 24. издание на Фестивалот на европски филм „Синедејс“ кој заврши вчера вечер во Скопје.

„Југо Флорида“ е реалистичен филм кој тивко бара зрно надеж во сивиот секојдневен живот. Гради свет кој понекогаш се чини дека постои на границата помеѓу сонот и реалноста – без потреба да ги раздвојува двата – оставајќи суптилна трага од апсурден хумор низ целиот филм. Оваа фино избалансирана двосмисленост, во комбинација со ненаметнат реализам, му дава на филмот сила и автентичност, се вели во образложението на жирито.

Нашата одлука не беше лесна и би сакал да ја изразам нашата благодарност до сите неверојатни филмски режисери чии дела имавме чест да ги гледаме. Секој филм носи силен авторски глас и се занимава со локални теми, давајќи им универзална димензија, отворајќи го нашиот регион за поширока публика. Заедно, тие се осврнуваат на безвременски прашања како што се слободата, полнолетството, борбата за егзистенција и правото на слободно говорење и избор“ изјави Арсен Оремовиќ во име на двете жири комисии кои имаа задача да оценуваат филмови во СЕЕ и официјална конкуренција.

Награда за најдобро сценарио доби „Вена“ на Кјара Флајшхакер.

Сценариото за „Вена“ нуди интимен и емпатичен приказ на патот на една млада жена кон мајчинството, градејќи силно чувство на блискост со хероината без да се лизне во сентименталност. Внатрешната борба помеѓу мајчинството и зависноста е обликувана со јасност, вистинитост и болка. Неговите природни и економични дијалози носат голем дел од емоционалната тежина и ја потврдуваат силата на сценариото, смета жирито.

Награда за најдобра режија ја доби филмот „Проблематични девојки“ на Уршка Џукиќ, а специјално признание доби српскиот актер Андрија Кузмановиќ за неговата извонредна изведба во „Југо Флорида“.

Наградата „Златно сонце“ за најдобар филм во СЕЕ селекцијата е доделена на два филма, „Ера“ на Петра Келменди и „Оче наш“ од Горан Станковиќ. Специјално признание од жирито доби филмот „Месо“ од Димитрис Накос.

За добитниците на наградите од Официјалната конкуренција одлучуваше жири комисијата во состав: Сара Климовска – актерка, Македонија, Арсен Оремовиќ – режисер, Хрватска и Алеш Павлин – режисер, Словенија. За филмовите во СЕЕ конкуренција тричлената комисија беше во состав: Ана Опачиќ – режисерка, Хрватска, Фатос Бериша – режисер, Албанија и Јасмина Карајловиќ – продуцентка, Црна Гора за филмовите во СЕЕ програма.

Во осум фестивалски денови, Синедејс прикажа повеќе од 50 европски наслови, 2 концертни вечери и над 3000 присутна публика. Фестивалот во најголем дел е подржан од Агенцијата за филм, потем Град Скопје, програмата Лајвјуроп за музичкиот дел како и програмата Јуропиан филм фестивалс (European Film Festivals), поддржана од Креативна Европа.

Поврзани вести