Skip to main content

Прислушкувањето како симбол на криминалната власт на СДСМ

Македонија, тоа е земја која долго време се бори за функционална демократија, владеење на правото, па би рекле, и за почитување на основните човекови права, без да има отстапувања и изговори за таквите отстапувања. Тоа е земја која мака мачи со самата себе и со своите „синови… и ќерки“, кои бескрупулозно ја злоставуваат и злоупотребуваат, особено во моментите кога се на високи позиции или пак кога се добро скриени од окото на јавноста. Македонија е земја која трпи и (за среќа… и за чудо) сѐ уште преживува тешки удари кои доаѓаат од внатре, од нејзините луѓе и кадри кои ги внедрува и храни.

Таква е Македонија!

Земјата во континуитет има сериозно голем проблем  со владеењето на правото, кое според сите параметри е на најниско ниво од сето останато кое што ја карактеризира и дефинира една современа европска држава. Злоупотреби на сите страни, непочитување на закони, изигрување на прописи. Земја во која грешките и злоупотребите, особено оние намерните, се повторуваат постојано во циклуси и нанесуваат сериозна штета врз сето она што претходно било градено. Се уништуваат кариери и животи на најистакнатите и највредните поединци кои вложиле премногу во сопствената едукација, репутација и изградба на профил на личност кој ќе претставува пример за останатите во едно општество.

Ако на времето кога Македонија била поробена земја под власт на разни поробувачи, биле маргинализирани, затворани и убивани учители, попови и останати делови од тогашната интелектуална елита, или со еден збор кажано бил спроведуван елитоцид со цел овој народ да остане прост и неписмен, во денешно време самите се уништуваме и самите на себе си спроведуваме елитоцид и ја уништуваме секоја реална интелектуална и општествена елита.

Како поинаку да се протолкува новата афера со незаконско прислушкување спроведувано во времето на премиерите Заев, Ковачевски и министерот Филипче, во која мета бил и тогашниот лидер на опозицијата, Христијан Мицкоски заедно со јавна обвинителка и новинари? Како да се протолкува еден ваков чин на тешка злоупотреба на системите за следење во една земја, која токму во тој период водеше некаква борба и судски процеси против злоупотребите во оваа област?

Никако, освен како јасен знак дека секоја власт на СДСМ никогаш се нема откажано од механизмите за репресија и прислушкување!

Она што до сега можевме да го разбереме од јавните гласила и од јавно достапните извештаи на АНБ, јасно се наведува дека во периодот 2019–2024 година АНБ незаконски прислушкувала неколку јавни личности. Тоа бил лично Христијан Мицкоски, една јавна обвинителка и новинари кои имале критички пристап при информирањето во однос на власта на СДСМ. Го разбравме и тоа дека пред околу еден месец АНБ го известила Обвинителството за незаконско следење. Обвинителството е информирано дека службата за безбедност го прекршила законот и прислушувала комуникации, користејќи материјално-технички ресурси кои и стоеле на располагање.

Овде се поставува прашањето, зошто институциите молчат? Зошто Обвинителството молчеше? Зошто секогаш јавноста мора да биде информирана за ваквите криминали преку медиумите и истражувачкото новинарство и покрај тоа што институциите веќе биле запознаени со конкретното прашање?

Правната и законската компонента на решавањето на овој случај, по природа на нештата, сега е во рацете на македонскиот правосуден систем. Нејзината брза разрешница има исклучително висок степен на јавен интерес. Но, колку и да е брза, правдата и правото се секогаш побавни од судот на народот и политичката компонента при анализа на ваквите скандали.

Што е тоа што можеме политички и граѓански на прва да го заклучиме од оваа најнова афера? Исто така, кој би бил пописот на главните гревови на претходната власт на СДСМ во аферата со прислушкувањето?

Првото што ни паѓа на ум е злоупотребата на институциите за политички цели. Безбедносна институција од највисок ранг, наместо да се занимава со безбедност на нацијата и државата, се занимавала со следење и прислушкување на политичките противници. Сето ава се случувало во време кога „добивавме датуми“, „почнувавме преговори“, „отворавме кластери“, скрининзи, преговарачки рамки и имавме исклучително „блиски односи и соработка“ со Европската унија. Сето ова се случувало кога бевме пример за соживот и „едно општество за сите“.

Второто нешто е тоа што АНБ спроведувала систематско следење на лидерот на опозицијата. Тука не зборуваме за високи партиски функционери од опозицијата или за елементи за кои можеби постоеле некакви, макар и измислени сомневања и сознанија за безбедносни закани. Зборуваме лично за првиот опонент на власта, Мицкоски.

Таргетирање на независни новинари како непријатели, наместо како контролори на власта, исто така е една од карактеристиките на оваа афера. Се сеќаваме дека Заев во прилог на „бомбите“ делеше папки до поедини новинари за да можат да видат на кој начин биле следени и прислушувани. Во времето на истиот тој Заев, подоцна и на Ковачевски, повторно биле следени новинари. Но, овој пат папките ги нема!

Следно нешто кое што се забележува е притисокот врз јавни обвинители кои не ја туркале агендата на власта. Можеби обвинителите работеле според законот, можеби си туркале сопствена лична агенда, но во секој случај не била онаа на власта и затоа биле следени. За политичкиот притисок врз правосудните органи до сега се водеа дискусии и дискусии на разни форуми. Беше повторено милион пати дека тоа е една од најголемите аномалии на македонската политика. И што гледаме сега? Гледаме дека токму „најгласните“ борци за независно судство биле обожаватели на услугите на прислушкувачите. Тоа е класична примена на методи кои Заев ги нарекуваше криминални кога ја земаа власта со Филипче.

За поткопување на основните човекови права, како што се, слободата на говор и мислата, правото на почитувањето на приватниот и семејниот живот, слободата и тајноста на различните облици на општење и комуникација… има ли потреба да зборуваме?! Дали треба да повториме дека се од претходно наведеното е прекршено со незаконското прислушкување?!

Не сме ги заборавиле ниту изјавите на сите челници на СДСМ кои продефилираа за време на нивното претходно владеење.

  • „Ќе ја исчистиме државата од криминал“, а продолжија со истиот криминал.
  • „Никогаш повеќе нема да има прислушкување“, а оваа афера го покажува спротивното.
  • „Правдата е наша водилка“, а правдата во нивно време се претвори во инструмент за уцена.
  • „Ќе ги реформираме службите“, а службите се претворија во партиски штабови.
  • „Ќе ги заштитиме медиумите“, а новинари беа ставени на список за следење.

За разлика од претходно кажаното, охрабрува фактот што актуелниот премиер јасно посочи дека службите за безбедност мора да бидат надвор од партиска контрола. Прислушкувањето не смее да биде оружје против политички противници, а новинарите мора да имаат целосна слобода во критиката и известувањето. Правосудните органи, а во конкретниов случај Обвинителството, мора да бидат оставени да работат независно и заштитени од секаков облик на политички притисок. Државата мора да гарантира приватност и сигурност на секој граѓанин. Мицкоски е решен да го искорени овој облик на политичко насилство и како премиер и претседател на ВМРО-ДПМНЕ е подготвен да спроведе целосна реформа на АНБ и службите.

За остварување на овие цели, покрај јасно изразената политичка волја, ќе бидат потребни и конкретни чекори. Како прво, потребна е итна парламентарна истрага за сите злоупотреби во АНБ. Крајно време е да се воспостават механизми за независна контрола на службите. Новинарите, кои се колатерална штета на политичките пресметки, треба да добијат законска гаранција и некаков вид на  имунитет кој ќе ги штити од незаконско следење.

Јавното објавување на сите случаи на незаконско следење, исто така може да биде една од алатките во борба против овој криминал. Кривична одговорност за сите актери, без оглед на нивната партиска припадност, е нешто за кое нема потреба да се дискутира.

Веројатно има уште многу други корисни идеи кои можат да придонесат во превенирањето и сузбивањето на незаконското прислушкување, особено кога тоа прислушкување го прават оние кои ја добиле сета доверба од државата и работат во нејзините најосетливи институции.

За крај!

Некако мизерно и неубедливо делуваат повиците на Филипче и неговите од СДСМ за декласификација на информациите поврзани со прислушкувањето по принципот „држете го крадецот“. Ваквиот негов повик кон власта беше јавно презентиран и јасно е дека декласифицирањето треба да го спроведе власта.

Токму тука лежи мистеријата која Филипче треба да ни ја дообјасни. Имено,   колку што може да се види од Законот за класифицирани информации, декласификацијата на една информација може да ја изврши лично нејзиниот создавач. Ако не сме разбрале нешто погрешно во барањето на Филипче, дали тоа значи дека Филипче бара оние кои што прислушувале и ги класифицирале прислушувањата со одреден степен на класификација, треба самите да ги декласифицираат? Дали тоа значи дека Филипче бара екипата на Заев, Ковачевски и Димовски, која со „слушалки на ушите“ го прислушувала Мицкоски, треба да го декласифицира она што претходно го класифицирала?

Непрецизен е овој став на СДСМ и Филипче и веројатно во периодот што следи работите ќе станат појасни. А што дотогаш? Дотогаш обвинителството треба да започне со својот дел од работата и што поскоро да излезе со информација во полза на јавниот интерес.

Поврзани вести