
Европратеник Емануел Фрагос:
Во резолуцијата ќе го користам името Скопје зошто зборовите МАКЕДОНИЈА, МАКЕДОНСКИ и нивните деривати се дел од грчката историја и немаат никаква врска со нас.
Ваков, тешко навредлив и непријателски текст, апсолутно непримерен во дипломатската комуникација, официјализиран амандман и доставен до Храмот на демократијата (да ли е?), не е забележан до сега, и во низа изнесувани навреди кон еден соседски народ.
Сé она што произлегува од нашето свето име и претставува темел на нашето опстојување и препознатливост, јазик, историја, идентитет, култура, фолклор, да го наречеш дериват е тешка дисквалификација од човек кој во себе ја има насобрано сета омраза на овој свет, а гневот го истура на нас, подобрите во сé од него.
Господине Фрагос, ако така можеш да се наречеш, изгледа одејќи по патот Атина – Брисел и обратно си ги изгубил сите витални органи што го сочинуваат човечкиот организам, освен еден.
Сиот си се претворил во жолчка, која лачи само киселина и отров, ама забораваш дека прва жртва на тоа што се определи да го сочуваш како трофеј за пред светот, тебе ќе те скисели и пеплоса.
Мојата етика и мојот морал не ми дозволува да те наречам испустен дериват на човештвото и никогаш тоа нема да го сторам бидејќи сите луѓе и народи се чеда Божји, а не фабрички суб-производ, резултат на вештачка хемиска реакција, дериват.
Изразот дериват, непристоен, и за мене неприфатлив, не е ни мој изум, а убеден сум никако твој.
Веројатно го имаме прочитано во еден ист извештај на група археолози, историчари и етнолози кои што прв пат го употребуваат овој срамен израз токму за денешна Грција, дека е дериват на старата дама Европа.
Одма да кажам дека и ова тврдење не е во ред, и повеќе заради себе, да не спаднам на твое ниво, не го прифаќам од истите причини, како и од тие од кои сум згрозен, што твојата маленкост зборува за МОЈАТА ГОЛЕМА МАКЕДОНИЈА, татковина мила која навистина, и тука си во право, дека немаме ништо со вас. Точно, Мојата МАКЕДОНИЈА нема допирна точка со твоите деривати кои сé уште се матни и не доволно јасни наспроти чистата и билјур видлива вредност МАКЕДОНИЈА и сé што ја обликува како резултат на вековната борба, копнеж и реализација да го сочуваме за себе и да вратиме што ни е насилно одземено.
Имам почит кон вашата борба за независност искована со бројни жртви, затоа европратенику барам и ти да ја почитуваш нашата напатеност, самопожртвуваност, исцрпувачка борба за ОРИГИНАЛ, а не дериват, што вашите предци во не така далечно минато залудно се обидувале да ни го наметнат, крадејќи по се помалку од ОРИГИНАЛОТ заборавајќи при тоа дека нашиот ОРИГИНАЛ е исткаен од други животно значајни ОРИГИНАЛИ, за вечен опстој.
Дериватите се за вас.
Ивајло Валчев:
Процесот треба да се блокира поради “непријателската реторика на политичкото раководство“ и зачинето со глупав осврт на гласањето наше во Обединетите нации.
Е, па Ивајло, непријателската реторика кон МАКЕДОНИЈА а во ваша корист на вашата бедна инсталација Зоран Заев, заврши засекогаш.
Денес се други историски моменти кои целосно ја свртеа таа погубна лична политика на еден безумник и лажго кој и вас ве изманипулира, а нас нé предаде.
Сега заеднички треба да ја осудиме неговата самоволна политичка демагогија и утопија и да тргнеме од ново да најдеме решение кое е така близу, на дофат, но толку далеку заради изроди кои се ставаат над своите народи газејќи немилосрдно по чувствата, интересите и желбите нивни и изедначувајќи ги со своите лични, дури ставајќи ги како приоритетни на решавање, како точка на дневен ред на личниот дневник.
И само за крај Ивајло!
Стотици години наназад и до ден денес, Каде гледаш непријателства од МАКЕДОНЦИТЕ кон Бугарија? Еден непријателски гест макар и најмал, посочи го аргументирано и ќе ти се извинам. Нема. И ти знаеш, НЕМА!
Има нешто друго што ти и таквите како тебе никако да го видите, а треба да клекнете, да ги симнете капите и да направите длабок, до земја, поклон за тоа што го имаме правено за вас, а ништо за возврат немаме добиено. Дури ни заслужено почитување. Но, се во духот на онаа познатата:
“Господ да те чува од неблагодарни луѓе.“
За пораките од француските десничари не ни вреди да се коментира, за нив што и да направиме никогаш не е доста.
Однапред донесено решение што за во иднина дотичниот субјект, во конкретниов случај МАКЕДОНИЈА и Западен Балкан радикално ги подобриле сите поставени домашни задачи во сигурноста, демократичноста, човековите слободи и права, подобрени општи принципи, критериуми и начела, се оценуваат со истите оценки од пред половина век.
Севкупниот развој е наш, оценките се ваши.
Ние своето го правиме, задоволни сме комплетно од нас и нашите дела и резултати.
Вие како сакате. Силата не ни е одлика.