Skip to main content

Недела на турската кујна – вековна традиција и изобилство од вкусови и бои

Казандиби

Од 21 до 27 мај се одбележува Неделата на турската кујна, позната по својата разновидност и спој на различни вкусови и кулинарски традиции. Безвременските класични турски јадења, кои се пренесуваат низ генерации, се значаен дел од богатото кулинарско наследство, кое е симбол на турската култура. Како нераскинлив дел од традицијата на земјата, класичната турска кујна е одраз и на познатото турско гостопримство, љубезност и заедништво.

Чобан салата

Турската кујна е препознатлива и по едноставните техники на готвење, како и по големата регионална разновидност. Од јадењата на егејското крајбрежје на база на маслиново масло, до смелите специјалитети на југоистокот преполни со зачини и кујната богата со морски плодови на Црното Море, секоја провинција од вкупно 81, има свои интерпретации на одредени јадења.

Ваквото богатство на рецепти, методи на готвење и неверојатни вкусови се одбележува секоја година, за време на Неделата на турската кујна.

Чорба од бел грав

Во бројните вкусни класични турски јадења се вбројуваат крем-супата од леќа, супа од тарана, имамбајалди – модри патлиџани со фил од кромид и домати, манти – турски кнедли, бурек со месо, сирење или компири, понатаму, карнијарик – преполовен модар патлиџан полнет со мелено месо, чачик – турската верзија на таратор, како и чорба од бел грав и различни видови сарма.

Крем супа од леќа

Неизоставен дел од менито што го сочинуваат традиционалните турски специјалитети се и освежителните салати бостана и чобан, разновидните овошни компоти и многу вкусни турски десерти, како што се тавукгогсу -пудинг од пилешки гради, казандиби – карамелизиран млечен пудинг и познатата баклава.

Богатото кулинарско наследство на Туркије, преку различните вкусови и мириси, ја раскажува долгата и богата историја на земјата и културната размена, која со векови се случувала на овие простори.

Поврзани вести