
Од минатата недела, тимот на Трамп ја покрена првата кривична истрага против поранешниот директор на ФБИ Џејмс Коми. Коми е еден од групата шефови на американските безбедносни служби (заедно со Џон Бренер и Џејмс Клепер, кои се поставија брутално партиски и настапуваа отворено политички пред мандатот на Трамп. Обвинувањата против нив се дека одобриле прислушкување и следење на Трамп и на неговите најблиски соработници, користејќи крајно несериозни извештаи за негова поврзаност со Русија (ви звучи познато?). Овие обвинувања, кои во голем дел биле буквално платени и составени од кампањата на противничката на Трамп – Хилари Клинтон – биле искористени не само за прислушкување на кампањата на Трамп, туку и за напад врз неговите најблиски соработници.
Така, на пример, врз основа на овие лажни обвинувања, генералот Мајкл Флин беше натеран да поднесе оставка како советник за национална безбедност на Трамп, а подоцна и судски гонет. Низа други соработници на Трамп, како Стив Бенон и Пол Манафорт, исто така беа апсени и малтретирани од судии и обвинители блиски на режимот на Клинтон/Обама/Бајден, а за низа соработници кои останаа да работат за Трамп се покажа дека цело време имале тесни врски со неговите политички противници, и одвај чекаа да бидат отпуштени за да почнат јавно да го напаѓаат претседателот.
Оваа кампања против Трамп кулминираше со упадот на ФБИ во резиденцијата на Трамп, каде што агентите имале налог да пукаат доколку некој пружи отпор, апсење на Трамп и, секако, двата обиди за атентат врз него од кои едниот за влакно го преживеа.
На национално ниво, ова политизирање на американските политички процеси кое практично претставуаше оневозможување на смената на власта – оневозможување на Трамп да владее со земјата во полн капацитет – кулминираше со крајно проблематичните избори во 2020 година. Голем број сојузни држави организираа гласање во услови на ковид, дозволувајќи гласовите да се доставуваат со недели преку пошта, што е крајно несериозно.
На денот на гласањето снемнуваше струја, се поплавуваа гласачките места, паузираше броењето на гласовите на гласачки места во клучните држави, се наоѓаа кутии со затурени гласови, и на крајот, иако претседателот Трамп доби најмногу гласови што било кој претседателски кандидат дотогаш ги добил на избори (74 милиони), на контото на Бајден однекаде легнаа 81 милион гласови – 16 милиони повеќе откоклу што добил Клинтон во 2016та година, а 5 милиони повеќе од гласовите на Харис во 2024та година. Овој очигледно сомнителен исход предизвика револт кај поддрживачите на Трамп, што доведе до упадот во Конгресот (за што деновиве излегуваат потврди дека ФБИ имал стотици агенти уфрлени во толпата, наводно да ги следи про-Трамповските групи, но многу можно и да ги насочува и поттикнува да исценираат инциденти).
Иако претходно, во мандатот на Трамп, левичарски групи се обидоа да упаднат во Белата Куќа и палеа цели населби во безредијата по смртта на Џорџ Флојд, насилството од левицата се сметаше за нешто нормално и очекувано, додека насилството од десницата – упадот во Капитолот – се прогласи за врвен пример на тероризам и обид за рушење на државниот поредок, по што почнаа масовни апсења и судски процеси (повторно – звучи познати?)
Поранешните директори на безбедносните служби, Коми, Бренен и Клепер, сето ова време не се симнуваа од екраните на Си-ен-ен и интензивно ги брифифаа медиумите и го формираа јавното мислење за сите крупни и ситни скандали, обвинувања и подметнувања насочени против Трамп. САД навистина почнаа да наликуваат на банана држава – тука не можеме да го амнестираме Трамп со неговото однесување како јужноамерикански каудиљо, но системската одговорност е во институциите на системот, кои очигледно шпијунираа водечки политички кандидат, систематски ги апсеа неговите најблиски соработници, како и обичните демонстранти кои излегоа да го поддржат по очигледните изборни неправилности и четиригодишната пропагандна кампања за сеење поделби во државата.
Конкретно во случајот на Коми, кој е прв од групата разузнавачки шефови што е обвинет но веројатно нема да биде последниот, неговата ментална состојба и пристрасноста со која ја вршел службата, беше отслика пред неколку месеци, кога на Твитер објави фотографија со јасна порака за убиство на претседателот Трамп (Коми напиша дека наводно шетајќи по плажа наишол на школки во форма на бројките 86 47 – бројката 86 во интернет сленгот означува да се поништи нешто, додека 47 го означува Трамп, кој првин беше избран како 45ти, а потоа како 47ми претседател на САД – значи јасна порака од поранешниот шеф на најголемата домашна безбедносна служба на САД дека актуелниот претседател на државата, кој веќе претрпе два атентати, треба да биде убиен).
Нормално, пропагандната машинерија на левицата го брани својот омилен разузнавач и обвинува дека Трамп е тој кој воведува режим затоа што почнал да се пресметува со своите политички противници (игнорирајќи го фактот дека Коми и Бренер и Клепер максимално ги политизираа безбедносните служби). Сепак, иницијативата е на страната на Трамп, кој дури и да сакаше да биде повнимателен и воздржан во справувањето со длабоката држава, е под силен притисок од неговата сопствена база по убиството на Чарли Кирк. Десницата едноставно вели дека вака веќе не може да продолжи, и дека толерирањето на отворени закани кон десничарските активисти од страна на левицата, палењето на градови и провоцирањето на расни немири од организациите на Сорос и сличните исполитизирани милијардери и злоуопотребите на безбедносните служби мора да престанат.
Македонците секако внимателно ќе го следат
И ние гледавме како шефови на полицијата и тајните служби стануваа колумнисти и ТВ коментатори, се продаваа како демократски херои и покрај томовите докази дека комунистичките безбедносни служби и во времето на независноста продолжиле да функционираат „како до сега“. И ние имавме испровоциран упад во Собранието кој дојде по две и пол години постојани провокации и напади врз државата од страна на шарената левица. И ние видовме како западните дипломати и од нив финансираните медиуми инсистираа дека е сосем нормално демонстрантите да фрлаат камења и запаливи проектили врз полицијата, потоа да бегаат во библиотека, но скандал е ако полицијата тргне по нив да ги бара напаѓачите.
Дека е нормално левите демонстранти да упаднат во јавна институција и да ја запалат – иако објектот се наоѓа во приземјето на станбена зграда – и за тоа да се инсистира да нема обвинувања бидејќи се работело за оправдан револт на нивните омилени „шарени командоси“. Нормално е учесници во ова подметнување на пожар во станбена зграда сега да бидат пратеници, предавачи во Виена, да добиваат милионски буџети за своите невладини, додека десетици демонстранти кои упаднаа во Собранието мора да бидат третирани како најцрни терористи.
И ние уште чекаме да слушнеме кој се замешал прсти во упадот во Собранието (по принципот – гледај кој профитира од одреден настан). И ние имаме не скандали туку редовна состојба со политизирање на безбедносните служби, секогаш во полза на едната политичка страна, а на штета на другата (па дури и изговорот за овие злоупотреби е истиот – работеле за Русија).
Некои од ѕверките од мочуриштето во Вашингтон кое Трамп вети (и почнува) да го празни, и лично ни наштетиле – поранешниот директор на ЦИА Бренер, кој се очекува да биде вториот на листата обвинети директори од страна на Трамп, долета во Тирана во пресрет на создавањето на Тиранската Платформа, и се смета дека лично го водел процесот на создавање на владата на ДУИ (со СДСМ како помал коалициски партнер).
Во претходните неколку колумни пишував за бизарната ситуација Македонија да има безбедносни служби (кои, како и во САД, го имаат зборот „национална“ во името) а кои очигледно работат против државотворната нација на државата што треба да ја претставуваат. Или пак, сиромашките, прават невидени лупинзи да ја редефинираат нацијата за да го оправдаат тоа што го прават – така во времето на Заев измислуваа поими како граѓанска нација врз која почивала Македонија. И во САД е слично – левицата, која очигледно доминира со безбедносните служби, дипломатската служба, етаблираните (старите) медиуми, високото и јавното образование и Холивуд, веќе не ни крие дека сака да види демографски промени во САД и дека сака држава која ќе биде похетерогена, на верски, расен, национален па дури и сексуален план, без изразено мнозинство, и дека на се уште мнозинските бели христијани гледа како на непријател.
И во САД гледавме симнување на статуи на историски личности (дури и стопија статуа на генералот Ли, за да не се случи десничарите да ја вратат на пиедесталот), како и пропагандна кампања со цел историјата на нацијата да се прогласи за срамна, безвредна или кринџ. Што не е ни чудно, ако знаеме дека луѓето кои ги финансираа овие процеси се едни те исти милијардери и фондации.
Затоа, борбата која што почнува во САД деновиве е судбинска не само за Американците туку и за целиот свет.