
Вчера во македонскиот КИЦ во Загреб се одржа културно-книжевна вечер „Мирис на Татковината“ на која беше претставено поетското творештво на Фатос Рушити, Сунај Раими и Севдаиљ Демири, македонски поети, универзитетски професори и културни дејци од Македонија кои творат на својот мајчин, албански јазик.
На почетокот на настанот на присутната публика и’ се обрати директорката на македонскиот КИЦ во Загреб Мими Ѓоргоска Илиевска која ја истакна важноста на ваквите настани кои ја претставуваат јазичната разноликост на македонската поетска сцена. Според Ѓоргоска Илиевска, јазикот е средство за пренесување на поетски пораки, додека вредноста на поезијата произлегува од способноста на поетите да креираат богати поетски слики и вешто да оперираат со јазично-поетскиот инструментариум.
Преводот на поезијата на Фатос Рушити, Сунај Раими и Севдаиљ Демири на хрватски јазик го направи поетесата Валентина Мирај, а истата беше интерпретираана од страна на Лиљана Коци, претседателка на Друштвото на албанските уметници во Хрватска.
На настанот присуствуваа високи претставници на државната и локалната власт во Република Хрватска, претставници на дипломатскиот кор, истакнати претставници на македонските и хрватските институции и организации во Загреб.