
Нема повисок, похуман и поблагороден чин после смртта да се даруваат органи кои ќе спасат животи. Во Македонија состојбата со трансплантација на органи е состојба на земји кои се наоѓаат во фаза на развој на системот на трансплантација. Проблемот со малиот број трансплантации е културолошки, социолошки и делумно информативен, вели во интервју за „Република“ националната координаторка за трансплантација, проф. д-р Билјана Кузмановска.
Нашите стремежи се насочени кон повеќе кадаверични трансплантации, трансплантации од починат донор, за кои за да се изведат е неопходна согласност од семејството на починатиот, што е единствена варијабла која не зависи од здравствените работници и координаторите, туку од волјата на семејствата, вели проф. д-р Кузмановска.
Со измените на Законот за Законот за земање и пресадување делови од човечко тело заради лекување се предвидува регистер на донори, односно секој би можел својата волја за дарување на органицте да ја искаже кај својот матичен лекар, а во делот на дарување на органи од жив дарител, се проширува до четврто роднинско колено, што значи дека први братучеди ќе може да даруваат органи.
Како најпозитивен пример во последната година во развој на трансплантацијата во Македонија проф. д-р Кузмановска ја издвојува соработката со реномираниот Универзитет „Дјук“ од САД. Благодарејќи на нивната експертиза, нашите офталмолози започнаа со трансплантација на рожница, нешто што е работено во Македонија пред неколку децении, но запрено. Од ноември минатата година до март иведени се 25 трансплантации.
Каква е моменталната состојба со трансплантацијата на органи во Македонија?
Д-Р КУЗМАНОВСКА: Состојбата во Македонија со трансплантација на органи е состојба на земји кои се наоѓаат во фаза на развој на системот за трансплантација. Имаме едуцирани медицински кадри кои се спремни во секое време да трансплантираат, имаме едуцирани и активни координатори кои се постојано активни во препознавање и обработка на потенцијални донори починати од мозочна смрт, имаме континуитет во трансплантации од жив донор на бубрег, и веќе воспоставена трансплантација на очни рожници со ткива набавени од банки за рожници. Значи системот е жив и функционира. Но, нашите стремежи се насочени кон повеќе кадаверични трансплантации, трансплантации од починат донор, за кои за да се изведат е неопходна согласност од семејството на починатиот, што е единствена варијабла која не зависи од здравствените работници и координаторите, туку од волјата на семејствата.
Колку сме далеку од европските стандарди и што најмногу ни недостига?
Д-Р КУЗМАНОВСКА: И во европските земји, ако го погледнете светскиот регистар на починати донори, има големи разлики од земја до земја. Најмногу донори имаат Шпанија, Хрватска, Словенија, потоа другите западноевропски земји, додека таа бројка е помала во источноевропските земји и земјите во нашиот регион, Балкан, осврн Хрватска и Словенија.

Што значи еден донор во бројки – колку животи може да спаси? Според податоците со кои располагаме околу 200 пациенти се на листата на чекање.
Д-Р КУЗМАНОВСКА: Еден донор може да спаси повеќе животи, зависно од тоа кои органи се погодни за трансплантација. Не секогаш од еден донор се трансплантираат ист број на органи, пред секоја трансплантација се прават детални медицински прегледи и евалуации дали органот е погоден за трансплантација.
Зошто Македонија има толку мал број на органодонори? Дали проблемот е повеќе културолошки, институционален или информативен?
Д-Р КУЗМАНОВСКА: Мислам дека проблемот е културолошки, социолошки и делумно информативен. Нема религиозни забрани за трансплантација од мајорните религиозни заедници во Македонија. Повеќе би рекла дека е се уште недоволно развиена свест за значењето на органодарителство после смртта на индивидуата и можеби недоволна информираност. Секако, мора да се земе предвид дека е присутен и психолошки момент, семејството е во интензивен стрес кога губи свој близок, и таа одлука не е лесна за нив. Тоа е разбирливо и никако не смееме да ги осудиме тие кои одбиле донација, туку да се стремиме кон поширока присутност на темата, така што ќе се чувствуваат посигурни при носење на одлуката за дарување.
Дали луѓето повеќе се плашат или едноставно не размислуваат за оваа тема?
Д-Р КУЗМАНОВСКА: Во природата на човекот е да се плаши од непознатото, а во состојба на губиток на свој близок, и ако предходно не биле доволно информирани за органодонорство, најчесто одговорот е одбивање. И секако, ова е чувствителна тема за која верувам ретко се разговара во семејствата.
Зошто семејствата најчесто одбиваат донирање во најтешки моменти? Од вашето искуство, што најмногу влијае на одлуката?
Д-Р КУЗМАНОВСКА: Од нашето искуство, најмногу влијае ако веќе починатиот некогаш изјавил желба да биде орган донор, тогаш се одлучуваат на донирање, но ако не ја знаат волјата на починатиот, а самите не размислувале на таа тема, многу потешко се доаѓа до согласност.
Најавени се измени во Законот за земање и пресадување делови од човечко тело заради лекување. Што конкретно ќе променат најавените измени во законот?
Д-Р КУЗМАНОВСКА: Најавени се повеќе измени. Во делот на дарување на органи од жив дарител, се проширува до четврто роднинско колено, тоа во пракса значи, први братучеди. Во делот на донирање од починат донор, се планира да се воведе можност да луѓето во тек на својот живот ја искажат својата волја за дарување органи после евеннтуална мозочна смрт, морам да нагласам дека орган донор е починат само од мозочна смрт во услови на интензивно лекување, а не секој починат. Својата волја би можел да ја искаже кај својот матичен лекар и да влезе во регистар на донори. Секако, со можност да ја повлече својата изјава ако се предомисли. На тој начин ќе се почитува волјата на индивидуата. Но, останува и претпоставената согласност, како во актуелниот закон, значи ако починатиот не се регистрирал сам, мора да се добие согласност од семејството.
Што значи „лична одлука“ – дали ќе има донорски картички или регистар? Дали тоа ќе го намали товарот врз семејствата?
Д-Р КУЗМАНОВСКА: Идејата е да има регистар, и тоа секако ќе го намали емотивниот товар врз семејствата.
Можете ли да ни објасните колку е сложен процесот – од донор до трансплантација?
Д-Р КУЗМАНОВСКА: Процесот е многу сложен.Започнува со следење на пациенти примени во интензивна нега со тешко оштетување на мозокот. Ако се посомневаме дека настанала мозочна смрт, значи отсуство на циркулација во целиот мозок, се пристапува кон изведување на медицински тестирања кои се пропишани со закон. Откако тестовите ќе потврдат мозочна смрт, го информираме министерството за здравство, кое составува тричлрна комисија од доктори кои ја потврдуваат смртта. Потоа простапуваме кон разговор со семејството. Ако имаме согласност, се собораат сите екипи, се разгледуваат медицински потенцијалните приматели, според ХЛА типизација, која се изведува на институтот за Трансфузиологија, и се одбираат оние кои имаат најголрма имунолошка компатибилност со донорот. Се повикуваат примателите, се подготвуваат за операција, и започнуваат операциите, паралелно во повеќе операциони сали. Се оперира најчесто во ноќните часови, бидејќи донорот не може долго да се одржува. На крај на операциите, се подготвува медицинската документација за секоја трансплантација и се внесува во Мој Термин.

Што би им порачале на граѓаните кои се двоумат дали да бидат донори?
Д-Р КУЗМАНОВСКА: Би кажала дека нема повисок, похуман и поблагороден чин после смртта да се даруваат органи кои ќе спасат животи.
Колку животи се губат годишно поради недостиг на донори?
Д-Р КУЗМАНОВСКА: Не можам точно да кажам колку животи се губат поради недостиг на донори, бидејќи дел од пациентите кои се на лидта на чекање може да починат од причина која е неповрзана со болеста поради која се на листа за орган. Но, можам да кажам дека секој донор значи неколку спасени животи.
Што треба да се случи за Македонија да направи вистински исчекор?
Д-Р КУЗМАНОВСКА: Искуствата на земјите со развиен систем за трансплантација покажуваат дека треба да се вложува во знаење на здравствените работници, координаторите и најважно, што е најспориот дел, е подигнување на јавната свест, во што покрај здравствените работници, клучна улога имаат и медиумите и религиските заедници.
Ако го погледнеме регистарот на починати донори по земји, ќе видиме дека секогаш при врвот се Шпанија, Хрватска, и други католички земји, но тоа е резултат на долги кампањи, и особен пробив овие земји доживуваат после јавната подршка за органдонорство од Папата Јован Павле Втори во 1995 година, а и од секој Папа после него.
Нашите напори се кон едукација на населението преку директни контакти со граѓаните со трибини, гостувања во медиуми и кампањи, до поголем број на согласности.
Што може да издвоите како позитивен пример во последниот период во однос на трансплантациите на органи и ткива во Македонија? Неодмна престојуваше тим од Америка на Клиниката на очни болести.
Д-Р КУЗМАНОВСКА: Како најпозитивен пример во последната година во развој на трансплантацијата ќе ја издвојам соработката со реномираниот Универзитет „Дјук“ од САД, која ја започнавме минатата година, ја продолжуваме и оваа година, а ќе трае уште неколку години.
Благодарејќи на нивната експертиза, нашите офталмолози започнаа со трансплантација на рожница, нешто што е работено во Македонија пред неколку децении, но запрено. И после повеќедецениски застој во оваа област, благодарение на оваа соработка, повторно заживеа трансплантацијата на рожница, но не само со класичната метода, туку се воведени уште две хируршки техники на трансплантација на микронски слој на рожницата, кои не се работат секаде. Благодарејќи на оваа соработка, сега во Македонија се работат сите три техники, а од ноември минатата година, заклучно до март оваа година, изведовме 25 трансплантации. Значи 25 пациенти се спасени од корнеално слепило.
Разговараше: Александра М. Бундалевска
фото: Република

Македонски


