
Во прекрасна и вдахновена атмосфера се одржа Омажот посветен на 95-годишнината од раѓањето на Анте Поповски во Кинотека на Македонија.
Настанот го отвори Софија Гогова Врчаковска, која со својата препознатлива и емотивна изведба ги потсети присутните на длабокоумните зборови на Анте Поповски содржани во неговите есеи и секако на неговите неповторливи стихови особено од маестралното дело „Света песна“.

Филмологот д-р Атанас Чуповски со пиетет и на стручен начин се осврна на филмското творештво на Анте Поповски, како и на неговата дејност како директор на „Вардар филм“.

На вчерашното чествување меѓу другото беше истакнато дека периодот кога големиот поет и интелектуалец Анте Поповски беше директор на „Вардар филм“ се смета за еден од најплодните и најзначајните периоди (често нарекуван златно доба) на македонската кинематографија. Под негово водство и како сценарист, оваа продуцентска куќа изнедри дела кои ги поставија темелите на македонскиот филм на меѓународната сцена. Овој период ја етаблираше македонската филмска школа, препознатлива по специфичниот поетски израз и обработката на историски и социјални теми.
Поповски во време на раководењето со „Вардар филм“ има свој придонес и во формирањето на т.н. „Скопска школа за анимиран филм“. Станува збор за златниот период на македонската анимација (1971–1991), кога во рамките на Студиото за анимација на „Вардар филм“ се создадоа светски признати ремек-дела на авторите Петар Глигоровски, Дарко Марковиќ, Боро Пејчинов, Афродита Марковиќ и Тонкица Митровска.
Ни вните филмови „Ембрио No. M“, „Каша“, „Фестивал“ и „Адам (5 до 12)“ редовно освојуваа награди на големите светски фестивали.
Во продолжение присутните имаа можност да го погледнат документарниот филм „Дае“, реализиран во 1979 година по сценарио на Анте Поповски, а во режија на Столе Попов. Овој филм е наградуван со многу престижни награди и со филмот „Медена земја“ се македонски документарни филмови кои во трката за „Оскар“ стигнаа меѓу петте најдобри номинирани документарци.
По проекцијата на овој документарен филм, беше прикажан филмот „Планината на гневот“, кој претставува социјална драма, снимен во 1968 година, во црно-бела техника, во режија на Љубиша Георгиевски и со Ристо Шишков во главната ролја, за која реномираниот актер ја добива единствената награда во кариерата.
Здружението за зачувување на делото на Анте Поповски – Антево перо упатува искрена благодарност до сите оние кои издвоија време и со своето присуство ја збогатија вечерта.
Исто така, упатуваме искрена благодарност до Кинотека на Македонија за соработката, организацијата на омажот и проекциите и до сите медиуми, кои со своите објави и интерес, го поддржаа овој настан.
Во наредните денови во Кинотека ќе може да се проследат проекциите и на другите филмски остварувања.
На 4 јуни во 19 ч. ќе бидат прикажани кусометражните документарни филмови „Кој век минува надвор деца“ (1975) на Љубиша Георгиевски, „Џафра“ (1978) на Кирил Ценевски и „Врати на бескрајот“ (1982) на Владимир Блажевски, сите по сценарија на Анте Поповски.
Во петок, на 5 јуни, во 20.30 ч. во летното кино на Кинотеката, на отворено, ќе бидат прикажани долгометражните играни филмови „Време, води“ (1980) на Бранко Гапо и „Црвениот коњ“ (1981) на Столе Попов, во кои Анте Поповски се јавува како продуцент односно тогашен директор на продуцентската куќа „Вардар филм“.
Филмскиот омаж завршува во сабота, на 6 јуни во 19 ч., со поекција на портретите на венцоносците на поетскиот фестивал „Струшки вечери на поезијата“ – „Рафаел Алберти“ (1979) и „Ежен Гилвик“ (1979), како и документарниот филм „Мостови – Струшки вечери на поезијата“ (1982), сите три во режија на Кирил Ценевски, а по сценарија на Анте Поповски.

Македонски


