Skip to main content

Драмски театар со „Мачкина глава“ од Венко Андоновски, во режија на Дејан Пројковски на отворањето на 60. МТФ „Војдан Чернодрински“

Шеесетото јубилејно издание на Македонскиот театарски фестивал „Војдан Чернодрински“, вечерва почна со изложба 60 години „Војдан Чернодрински“ – Прилеп. Станува збор за хибридна изложба на артефакти од долгогодишната традиција на фестивалот, која ја следи приказната за фестивалот визуализирана со конкретни сведоштва за луѓето и настаните што ги обележале овие години фестивалски живот.

Сакаме да им оддадеме почит на тој начин што ќе ги споменеме заедно со сите фотографии, постери, документи, предмети кои ќе го осведочат времето што поминало, но и ќе направат одличен простор за времето што ќе дојде. Изложбата има и перформативен дел – студентите од ФДУ под менторство на режисерката Шенај Мандак играат перформанс на драмите од Дејан Дуковски. Патот на фестивалот е симболична патека на која преку нарација и аудиовизуелен контакт ќе може да ја следиме историјата на фестивалот и да ја видиме секоја значајна меморабилија – вели Ана Стојаноска, уметнички директор на фестивалот.

Свеченоста продолжи во големата сала на Центарот, каде вечерва ансамблот на Драмскиот театар ја одигра претставата „Мачкина глава“ од Венко Андоновски, во режија на Дејан Пројковски, од официјалната програма на фестивалот.

На претставата и претходеше проекција на документарен филм посветен на фестивалот. На присутните им се обрати претседателката Гордана Сиљановска-Давкова, која како покровител на фестивалот го прогласи за отворен, а говореа и министерот за култура и туризам, Зоран Љутков и Ана Стојаноска, уметнички директор на фестивалот.

Пред изведбата на „Мачкина глава“ беа врачени наградите за животно дело на Атила Клинче, Сашо Миленковски, Веби Ќерими и Љубомир Чадиковски.

Вкупно 13 претстави ќе бидат изведена на јубилејното издание кое ќе трае до 12 јуни – девет во официјална и четири во придружна програма. Фестивалот годинава се одржува под мотото „Храбриот нов театар“ и тематот „Кризата на човекот во општеството и кризата на општеството во човекот“.

На затворањето ќе настапи Београдско народно позориште, со претставата „Црно злато“ Оливер Фрлјиќ, по текст на Дејан Дуковски, Авторот во фокус на фестивалот годинава.

Поврзани вести