Skip to main content

„Мачкина глава“ на Драмски театар, која го отвори МТФ „Војдан Чернодрински“ оценета како дело што не бара да биде раскажано, туку толкувано

Големо внимание предизвикаа првите разговори за претставите од официјалната конкуренција на годинешното јубилејно 60. издание на МТФ „Војдан Чернодрински“. Претставата „Мачкина глава“ на Драмски театар, која го отвори фестивалот, беше оценета како дело што не бара да биде раскажано, туку толкувано.

Таа не функционира како класична драмска фабула, туку како сценска алегорија за цивилизација која постепено го губи чувството за вистина, идентитет и морална ориентација, рече театарскиот критичар Звонко Димоски, модератор на разговорите на тркалезната маса за синоќешната претстава на Драмски театар, „Мачкина глава по текст на Венко Андоновски, во режија на Дејан Пројковски. 

Димоски смета дека претставата може да се дефинира како постмодерна рефлексија на драмата „Диво месо“ на Горан Стефановски, со силна инспирација од современите глобални состојби, отворајќи го прашањето дали таа е навистина „храбар нов театар“.

Во тој контекст, „Мачкина глава“ ја читам како обид да се проговори за човекот што останал без сигурни координати: без јасна идеологија, без стабилна традиција, без доверба во иднината. Тоа е драма за времето во кое сите зборуваат, а сè помалку се разбираат, посочи Димоски. 

Актерот Александар Степанулески вели дека најхраброто во претставата е отвореното соочување со тоа какви сме ние денес.

Забележливо е колку сите ликови во претставата се слични на семејствата денес. Работите, навидум изгледаат банални, но се присутни. Инаку, во Драмски театар имаме концепт да поставуваме текстови на младите домашни драмски автори, рече Степанулески.

Според  директорката на Фестивалот Ана Стојаноска која посака плодни разговори за одиграните претстави во официјалната конкуренција, добро е кога од сите аспекти ќе се „расчленува“ одиграната претстава, посебно за актерскиот предизвик.

Убаво е да се чуе на „разговорите“ за актерскиот предизвик, како актерите го оформувале ликот, со што се соочувале, рече Стојаноска.

Поврзани вести