Skip to main content

Со премиера на „Мачкина глава“ на Венко Андоновски, а во режија на Дејан Пројковски Драмски театар вечерва го прославува 80-от роденден

Со премиера на „Мачкина глава“ по текст на Венко Андоновски, а во режија на Дејан Пројковски, вечерва во 20 часот на големата сцена на „Ристо Стефановски“ Драмски театар го слави 80-от роденден.

Во претставата играат: Рубенс Муратовски, Билјана Драѓиќевиќ – Пројковска, Филип Трајковиќ, Александар Степанулевски, Сара Климоска, Игор Англов, Сања Арсовска, Златко Митрески и Предраг Павловски.

Ова е 461 премиера во Драмскиот театар, кажа директорот Роберт Вељановски на денешната прес-конфренција.

​Огромен јубилеј, не само за Драмскиот театар, огромен јубилеј за македонскиот театар, огромен јубилеј за македонската култура. Драмскиот театар е најрелевантната македонска театарска куќа, докажано со освоени награди и признанија. Во поранешната Федерација, сè што било можно да се освои, го има освоено Драмски театар. Да не зборувам за она што е фестивал или награда во Република Македонија. Драмскиот театар е одликуван од двајца претседатели: во 1976 година од Јосип Броз Тито – тоа е „Златен орден за заслуги за народ со златна ѕвезда“, и во 2016 година од претседателот на Република Македонија, неговата екселенција Ѓорге Иванов, Драмскиот театар е одликуван со „Орден за заслуги за Македонија, изјави Вељановски.

Писателот Андоновски на средбата со новинарите се присети дека кога објектот на Драмски бил пуштен во употреба, тој имал една година и живеел во бараката на родителите во Влае.

Тогаш некој да ми кажел дека ќе ми биде направена чест, 80 години Драмски театар да се одбележи со мој текст, веројатно не би му поверувал, меѓутоа како и да е, тоа би било нешто неверојатно. Од тој аспект, првенствено, направена ми е огромна, огромна чест. Ако се погледне што сè овој театар исфрли како артисти, пред сè како актерство, актерски, како режисери, како писатели, како сценографи, како костимографи… тоа е еден град. Тоа е еден мал град од луѓе кои живееле овде, кажа Андоновски на прес-конфренцијата.

​Тој за текстот не зборуваше многу, но рече дека живееме во луд свет, односно во свет кој стана шизофренија. Порано схизоморфноста се негуваше на индивидуално ниво. Во овој свет таа очигледно станува колективна појава. Војните се враќаат, а тоа е секогаш знак на схизоморфност или шизофренија. Тој свет не заслужува никаков друг коментар освен театарска претстава.

И мојата „Мачкина глава“ е всушност еден крик над овој свет. Се вика „Мачкина глава“ затоа што сум се обидувал да ја запомнам физиономијата на мачките. Тие се разликуваат, нели, се разбира, меѓутоа сите имаат иста физиономија и освен мјаукањето, ништо друго како јазик од нив не можете да чуете. Ми се чини дека планетата се претвора понекогаш во таа „мачкина глава“ која апсолутно нема свој јазик, а кога нешто нема свој јазик, станува бескрупулозно. ​Се обидов, врз основа на нашиот голем гениј и претходник Горан Стефановски, да се прашам: кога сега Горан би го пишувал „Диво месо“, дали воопшто тоа би било можно? Ги задржав основните драмски конфликти, направив една основна рециклажа, но овде има и многу индивидуални содржини, затоа што светот многу се измени од времето кога Горан го правеше своето „Диво месо“. Мислам дека во текстот успеав да фатам контури. Разочарувачки е тоа што она што Горан го кажал во „Диво месо“, сега е десеткратно зголемено и потрагично, изјави Андоновски.

Режисерот Дејан Пројковски, дриекторот Роберт Вељановск и писателот Венко Андоновски на денешната прес-конфренција во Драмски театар

Пројковски ​во Драмски театар ја поставил својата прва професионлна претстава „Падот на невиноста“, а потоа следеа „Јонадаб“, „Хамлет“, „Генетика на кучињата“, „Кармен“, „Падот на Масада“.

​Особено ми е драго што е оваа претстава по текст на Венко Андоновски, со којшто изминатите години направивме веќе пет-шест заеднички претстави. Венко е автор за којшто мислам дека од една временска дистанца сигурно неговите дела и неговото постоење ќе бидат важна мерка за театарското време што сега го живееме. ​„Мачкина глава“, самата претстава започнува со таа основна идеја што ја кажа Венко: дали е можно денес да се напише „Диво месо“ и како би изгледало. Една голема референца и голема точка во македонскиот театар и уште поважно, една од идентитетските точки на македонскиот театар. Од друга страна, тоа беше само почетната тема на претставата. Понатаму претставата се одвива да прави деконструкција на „Диво месо“ и да се обидеме преку текстот да ги видиме работите денес, изјави Пројковски.

​Драмски театар за мене секогаш бил симбол на храброст, на експеримент и на висока професионалност. Оваа претстава „Мачкина глава“ е на некој начин и наш долг кон сите оние кои го граделе овој театар овие 80 години. Не е лесно да се одговори на таков предизвик, но со ваква екипа, со ваков текст и со ваква поддршка од куќата, мислам дека направивме нешто што ќе остане запаметено. Уште еднаш, благодарност до сите и ве поканувам на премиерата за заедно да го прославиме овој голем јубилеј, кажаа на денешната прес-конфренција.

Актерката Драѓиќевиќ – Пројковска кажа дека претставата е многу динамична, поминува мнову брзо, и како што и кажала една пријателка, ова е модерна античка драма.

Возбудата е преголема затоа што има неочекувани пресврти во претставата, а за тоа сме заслужни ние актерите и целиот тим. Така што, многу ми е драго што сум дел од оваа екипа и особено ми е драго што се случува тоа за време на 80 години Драмски театар, изјави Драѓиќевиќ – Пројковска.

Сценограф е Валентин Светеозарев, костимографка е Марија Папучевска, композитор е Горан Трајковски.

Следната изведба е на 25 април.

Поврзани вести