
Во книжарницата „Литература.мк“ во трговскиот центар „Дајмонд мол“ во Скопје вечерва во 19 часот на Ванчо Полазаревски ќе му биде врачена книжевната награда „Оливера Николова“ што ја доделува книгоиздателството „Арс ламина“. Воедно ќе се одржи промоција на победничкиот роман „Чудна случка во гратчето Капи и Штици“. Наградата се доделува за најдобар необјавен роман за деца и млади, токму на 1 Јуни, Меѓународниот ден на детето.
На вториот конкурс за наградата пристигнале 46 ракописи, а за победникот одлучуваше комисијата составена од Оливера Ќорвезироска (уредничка и писателка), Ермис Лафазановски, прв добитник на наградата и Јованка Денкова, универзитетска професорка. Тие вечерва ќе се обратат пред публиката, заедно со Полазаревски.
„Чудна случка во гратчето Капи и Штици“ е забавен и духовит роман, кој ја подвлекува важноста на екологијата, а околината и природата ги сфаќа како наш единствен, вистински и заеднички дом.

Македонски


