
Годинава приоритетен вид е поезијата и опфаќа поетски преводни дела (поезија за возрасни и деца, драми во стих, итн.) објавени во периодот од 1 јули 2024 до 30 јуни 2026 година (конкурсен опфат од две години).
Наградата за најдобар превод на македонски јазик „Драги“ е воспоставена за да се направи вреднување на преведувачката дејност во Македонија, како и да се истакне вредноста и важноста на преведувањето за нашиот културен простор.
Објавените книги мора да бидат преведени од оригинален јазик, а може да се конкурира со дела преведени и од „живи“ и од класични јазици (арапски, старогрчки, санскрит и латински јазик).
Право на номинација за наградата имаат издавачки куќи, здруженија на граѓани и преведувачи. Секоја издавачка куќа или здружение на граѓани имаат право да номинираат најмногу десет книги, а секој преведувач има право да номинира најмногу три книги.
Конкурсот е отворен до 1 јули 2026 година.
Номинираните книги може да бидат објавени во хартиена форма или како електронски изданија и мора да имаат CIP-запис од Националната и универзитетска библиотека „Свети Климент Охридски“ – Скопје.
Книгите објавени во хартиена форма треба да се достават во четири примероци на адресата на издавачката куќа „Антолог“ (улица „Ѓорѓи Пулевски“ број 29, локал 1), а електронските изданија во електронска форма на имејлот [email protected].
Доставените преводи ќе ги оценува тричлена комисија составена од реномирани преведувачи, писатели, книжевни критичари и промислувачи на преводот како вештина.
Наградата се состои од статуетка „Драги“ и паричен дел кој изнесува 40.000 денари.
Годинашното издание на наградата „Драги“ е реализирана од страна на издавачката куќа „Антолог“ со поддршка на Министерството за култура и во соработка со Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ – Скопје.
Наградата „Драги“ за најдобар книжевен превод на македонски јазик во 2025 година ја доби Лидија Танушевска за преводот од полски јазик на романот „Емпусион“ од Олга Токарчук во издание на издавачката куќа Антолог. Комисијата за доделување на наградата беше во состав: Анастасија Ѓурчинова (претседател), Иван Шопов и Јана Михајловска (членови). Интернационалната награда „Драги“ за најзначаен превод на македонски автор на странски јазик за 2025 година беше доделена на превeдувачите Кристина Е. Крамер и Роли Грау од САД за преводот од македонски на англиски јазик на Долго доаѓање на огнот (избор поезија) од Ацо Шопов.
Интернационалната награда „Драги“ за најзначаен превод од македонски на странски јазик ги зема предвид различните параметри при појава на одреден превод во друга културна средина. Пред сè – нивото на преводот, реномираноста на оригиналното дело, но и актуелноста, рецензиите, влијателноста, поттикнувањето интерес за авторот, препознатливоста, зголемувањето на интеркултурниот дијалог, итн. Со оваа награда се дава сериозен поттик за сите книжевни преведувачи од македонски јазик со голема внимателност да пристапуваат кон преводот на македонската литература и почесто да се решаваат делата на нашите автори да се најдат во понудата на издавачките куќи од Европа и од светот.
Наградата за најдобар превод на македонски јазик „Драги“ беше воспоставена во 2022 година, а првото почесно признание му беше доделено на Драги Михајловски (1951 – 2022), македонски писател, преведувач, есеист и универзитетски професор. Освен со прозните дела, Михајловски остави трајна трага во македонската култура со преводите на делата од Шекспир, Милтон, Шели, Китс, Блејк, Елиот, Милтон итн. Објави и неколку студии и есеи од областа на теоријата на преводот, а со своите ставови за преводот влијаеше како на студентите на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ во Скопје, каде што беше професор, така и на сите што се занимаваат со науката за превод (транслотологија).

Македонски


