Skip to main content
H2nhvYUL68Q

„Ружа са југа“ – песната за Македонија ги освои срцата на публиката

Песната „Ружа са југа“, која Бобан Рајовиќ – едно од најпрепознатливите музички имиња од соседството, ја посвети на Македонија за само неколку дена по промоцијата се наметна како најголем фаворит меѓу новите теми од неговиот актуелен проект. Реакциите од публиката, гледаноста и бројните пораки што, како што вели, пристигнуваат од сите страни на светот ја потврдуваат силната емоција што песната ја разбуди кај слушателите.

Уште при најавата на песната Рајовиќ откри дека „Ружа са југа“ е приказна која долго време ја носел во себе и која е производ од неговата искрена љубов и почит кон Македонија, земја која, како што вели, одамна има посебно место во неговото срце. Денес, по првите реакции на публиката, вели дека не можел ниту да претпостави колку силно ќе одекне оваа музичка приказна.

Многу сум задоволен од секоја песна, но и реакциите кои се навистина одлични. Особено ми е фасцинантно тоа што „Ружа са југа“ во моментов е убедливо фаворит и има предност во однос на сите останати композиции. Неверојатно е колку луѓе ми се јавија буквално од сите страни на светот за да ми кажат дека песната е прекрасна и дека постојано ја слушаат. Да не беше оваа песна, немаше да знам колку е голема македонската дијаспора. Уште еднаш Македонија и Македонците покажаа колкава љубов имаат кон својата земја и колку се благодарен народ. Навистина сум среќен поради тоа и ова ми е дополнителен мотив многу брзо да направам голем концерт во Македонија, најверојатно во Скопје“, вели Рајовиќ.

Тој не ја крие благодарноста за огромната поддршка што ја добива од публиката, истакнувајќи дека успехот на песната ги надминал неговите очекувања.

Сите песни поминуваат одлично, но оваа за Македонија е во трендинг насекаде во регионот. Дури деновиве ми се случи среде Белград луѓе да ме застанат и заедно со мене буквално од почеток до крај да ја отпеат. Тоа е чувство кое не може да се опише со зборови“, додава пејачот.

„Ружа са југа“ не е само уште една песна во кариерата на Бобан Рајовиќ. Таа стана симбол на емоцијата што ја поврзува Македонија со нејзините луѓе, без разлика каде живеат. А судејќи според реакциите, песната веќе го пронајде својот пат до срцата на публиката и се претвори во музичка приказна со која се идентификуваат илјадници Македонци ширум светот.

Благодарен за секој преглед, секоја порака и секој споделен момент со песната, Рајовиќ порачува дека токму љубовта што ја добива од публиката е најголемата награда за овој проект и најдобар доказ дека „Ружа са југа“ ја исполнила својата мисија – да се почувствува, а не само да се слуша.

Автор на темата е Славко Стефановиќ – Славкони, човекот чие име стои зад голем број регионални хитови, додека видеозаписот кој е вистинска разгледница од Македонија и е снимен на неколку автентични локации, меѓу кои Галичник, Охрид, Свети Николе и Кавадарци, е со потписот на Мелем продукција и Огнен Шапковски.

Поврзани вести