
Океаните на нашата планета стануваат потемни, говорат новите истражувања. Во промената што веќе ги менува цели екосистеми, отворените мориња пропуштаат сè помалку светлина. Научниците сè уште не ги разбираат целосно последиците од овој феномен, но надежта останува, споели океанографот Тим Смит.
Од длабокиот мрак на океанот, на зајдионце, претежно незабележително, се одвива најголемото поместување на биомаса на Земјата. Движењето на Сонцето и Месечината го поставува ритамот на животот за многу морски видови. Но, последниве десетлетија, научниците забележаа дека големи области од површината на океанот мистериозно потемнуваат. Смит и неговиот тим беа првите што го забележаа ова движење. Оттогаш, тие проучуваат како климатските промени и промените во користењето на земјиштето влијаат на океаните – и неопходноста од светлината за животот во океанските води. Милијарди мали организми, зоопланктони, ракови, риби, во исто време, се издигаат од длабочините на површината, привлечени од цветањето на фитопланктонот. Тие се хранат ноќе, заштитени од грабливци, а со изгрејсонцето, се повлекуваат назад во длабочините.
Научниците веќе 20 години анализираат сателитски податоци за да ги следат промените во оптичките својства на океанот. Наместо случајни промени, тие виделе големи, поврзани области каде што водата станува сè понепроѕирна и понепропустлива за светлина. Проценките посочуваат дека околу една петтина од светските океани на некој начин потемниле.
Зошто се случува ова? Во крајбрежните области, причината е во голема мера поврзана со реките што се влеваат во морето. Промените во користењето на земјиштето, како што е преминот од шуми кон земјоделски површини, влијаат на она што се влева во реките. За време на поплавите, пак, повеќе честички и органска материја влегуваат во водата, давајќи ѝ ја карактеристичната потемна боја. Дополнителен проблем се хранливите материи од ѓубривата за раст на фитопланктонот. Кога тој цвета, на светлината ѝ е потешко да навлезе во подлабоките слоеви на водата. Иако веќе е познато дека крајбрежните води потемнуваат, новите истражувања покажуваат дека оваа појава ја има и на отворено море.
Промените веројатно се поврзани и со климатските промени. Зголемувањето на температурите на океанот, почестите топлотни бранови и промените во соленоста влијаат врз циркулацијата на водата. Фитопланктонот зависи од светлината, хранливите материи и температурата, а постабилните слоеви на вода што се создаваат во потопли услови се погодни за неговиот развој, што дополнително придонесува за потемнувањето.
Како ова влијае на животот во океанот?
Потемнувањето на океанот го менува целиот синџир на исхрана, говорат наводите. Така, фитопланктонот е основа на овој систем, а зоопланктонот, којшто се храни со него, е клучна алка за рибите. Овие организми се поместуваат стотици метри нагоре – надолу секој ден, следејќи ја светлината.
Ако светлината не продира длабоко, просторот во којшто организмите можат да живеат, да се хранат и да се размножуваат е намален. Научниците го споредуваат ова со стегање огромна популација во мал простор. Ова може да ја зголеми концентрацијата, да ги промени односите меѓу грабливците и пленот и да повллече последици за риболовот низ целиот свет. Рибите, како што е туната, на пр., би можеле да бидат принудени да останат поблиску до површината. Во исто време, фитопланктонот којшто произведува околу половина од кислородот на планетата, ја менува длабочината на којашто може да врши фотосинтеза.
Навечер, дури и слабата месечева светлина е важна за морските организми. Им помага да се движат и да одредат кога е безбедно да излезат на површина. Меѓутоа, како што водата станува матна, оваа светлина сѐ потешко продира, а тоа може да ги промени ноќните животни процеси во океанот и начинот на којшто видовите се среќаваат и комуницираат.
Кои се глобалните последици од сѐ тоа?
Затемнувањето на океанот, исто така, влијае на јаглеродот. Зоопланктонот нормално пренесува јаглерод до длабочините кога умира, па ако морско животно остане поблиску до површината, тоа значи – помалку јаглерод во океанот, а повеќе јаглерод може да се ослободи назад во атмосферата, што дополнително придонесува за климатските промени.
Науката прашува: Може ли нешто да се направи? Во крајбрежните области, може. Подоброто управување со земјоделството, намалувањето на загадувањето и контролата на истекувањето во реките можат да помогнат водата повторно да стане побистра. Веќе постојат проекти што работат на развој на поодржливи системи за производство на храна.
Состојбата е посложена на отворено море. Дури и ако емисиите веднаш престанат, ќе бидат потребни децении, па дури и векови, за океаните да се опорават, пишува порталот „Нова .рс“.
Научниците сметаат и дека оптимизам, сепак, постои. Океаните покажуваат извонреден капацитет за опоравување кога ќе им се даде шанса. Шумите од алги, на пр., брзо се опоравуваат во заштитените подрачја по екстремните топлотни бранови. Затоа, треба да се работи на проширување на морските заштитени подрачја. Споре стручњаците: Кога се управува добро, тоа им овозможува на екосистемите да се обноват и да станат поотпорни на климатските промени.
Океаните покриваат околу 70 отсто од површината на планетата, ја регулираат климата и апсорбираат огромни количини топлина и јаглерод. Нивната заштита не е само прашање на зачувување на природата, туку и на опстанокот на животот на Земјата.

Македонски


