Skip to main content

Ги запознаваме ретките болести: Епителоиеден хемангиоендотелиом

Во февруари, месецот со најмалку дена во годината со кој пациентите со ретки болести го идентификуваат како свој, по осми пат ќе се обидеме поблиску да Ве запознаеме со ретките болести од кои заболува и со кои се соочува и живее населението кај нас. Носител на националната каммања „Ги запознаваме ретките болести“ е здружението „Ретко е да си редок“.

ЕПИТЕЛОИДЕН ХЕМАНГИОЕНДОТЕЛИОM (ЕХЕ)/
EPITHELIOID HEMANGIOENDOTHELIOMA (EHE)
MKБ-10 D48.1

ПРЕВАЛЕНЦА

Се јавува кај 0,01 % од популацијата, односно кај 1 лице на секои 1 000 000 низ светот. Секоја година во САД се дијагностицираат околу 90 случаи. Поради потешкотиите кои се јавуваат при дијагностицирањето на оваа болест, се претпоставува дека реалниот број на заболено население е многу поголем.

ВОВЕД

Епителоидниот хемангиоендотелиом (ЕХЕ) е редок тумор кој се карактеризира со солитарна лезија во површинското или длабокото меко ткиво на екстремитетите. Најчесто потекнува од мала вена како фузиформна интраваскуларна маса која исто така се инфилтрира во околните ткива. Првпат е дефиниран од страна на Шерон Вајс и Франц Ензингер во 1982 година. Според клиничките и хистолошките карактеристики, се класифицира помеѓу ангиосарком и хемангиом. Сепак, неодамна била опишана посебна генетска промена која ја дефинира болеста со што ЕХЕ е целосно одделен ентитет и од ангиосарком и од хемангиом. ЕХЕ е сарком на меките ткива и генерално се смета за васкуларен карцином доколку лезионалните клетки имаат површински маркери типични за ендотелијалните клетки (клетки што ја обложуваат внатрешноста на крвните садови). ЕХЕ првично бил опишан како тумор кој најчесто се јавува во вените на екстремитетите (рацете и нозете), како и во црниот дроб и белите дробови, но дијагностицирани се и пациенти со тумор на коските, кожата, вратот, тироидната жлезда, желудникот, јајниците, простата, мозокот, ᾿рбетот. ЕХЕ обично се јавува на возраст од 20 до 40 години, иако севкупниот опсег на возраст е многу поширок и скромна наклонетост кај жените во однос на мажите. Честопати има индолентен тек и многу заболени луѓе имале подолг животен век од очекуваниот.

ЕТИОЛОГИЈА

Епителоидниот хемангиоендотелиом е предизвикан од генетски мутации, познати и како патогени варијанти. Се смета дека во епителоидниот хемангиоендотелиом, хромозомите се распаѓаат и повторно се собираат на погрешен начин. Ова може да предизвика неправилна функционалност на клетките. Оваа промена резултира со фузија на гени кои кодираат два коактиватори на транскрипција (транскрипциски регулатори): TAZ (транскрипциски коактиватор со мотив за врзување на PDZ) исто така познат како WWTR1 (протеин 1 што содржи транскрипциски регулатор што содржи WW-домен) и CAMTA1 (калмодулин-врзувачки активатор на транскрипција 1). Транслокацијата на EХE резултира со абнормален фузионен ген кој изразува абнормална mRNA што резултира со синтеза на варијанта на фузионен протеин на ТАZ која секогаш е вклучена. Оваа форма секогаш се наоѓа во јадрото и затоа е конститутивно активна, врзувајќи се со многу важен член на TEAD-фамилијата на факторите на транскрипција со што се предизвикува размножување на клетките. Токму ова производство на TAZ-TEAD транскриптомот предизвикува прераснување на засегнатите ендотелијални клетки во тумори. Околу 10 % од пациентите со ЕХЕ имаат различна транслокација што резултира со конститутивно активирање на YAP, ортолог на TAZ (т.е. ген кој има низа и функции кои се многу слични на TAZ). Ова, исто така, резултира со постојан, нерегулиран раст на погодените клетки и затоа предизвикува тумори од типот EХE.

СИМПТОМИ И ДИЈАГНОСТИЦИРАЊЕ

Повеќето пациенти со епителоиден хемангиоендотелиом не забележуваат некакви симптоми, но доколку тие се присутни, тогаш вклучуваат:


 болка и оток околу областа на туморот;
 туморска маса што може да се почувствува под кожата и која може да биде болна;
 гадење и необјаснето губење тежина;
 треска, замор, кашлица или проблеми со дишењето;
 болки и непријатност во абдоменот;
 зголемени врвови на прстите наречени „клубови“ кои можат да се со црвена или сина боја;
 болки во коските, чести фрактури или скршени коски;
 проблеми со движењето или одењето.

Бидејќи ЕХЕ често не предизвикува симптоми, повеќето пациенти дознаваат дека имаат еден или повеќе тумори за време на процедурата за снимање што не е поврзана со ЕХЕ. За точно дефинирање и дијагностицирање потребно е да се направат неколку испитувања, започнувајќи од земање добра анамнеза, самата клиничка слика и преку дијагностичките методи РТ, КТ-скен (за да се идентификуваат EХE-туморите во градите, стомакот и карлицата), МРИ (тумори на ЕХЕ во црниот дроб или коските) или ПЕТ-скен да се одреди големината на туморот и неговата локација. Земањето биопсија може да помогне во понатамошните иследувања, особено во случаите кога станува збор за рак на дојка.

ПОСЛЕДИЦИ

Иако епителоидниот хемангиоендотелиом обично се манифестира како тумор со низок степен, понекогаш, eHAE се манифестира како висок и поагресивен степен на тумор. Затоа текот на болеста кај луѓето со епителоиден хемангиоендотелиом тешко се предвидува. Некои пациенти живеат долго, дури и без третман. Во други случаи, ракот брзо расте и се шири, дури и со третман. Епителоидниот хемангиоендотелиом што се проширил и на други делови од телото не секогаш води до лоша прогноза, но најголемо значење има локализацијата на туморот.

ТРЕТМАН

Бидејќи епителоидниот хемангиоендотелиом е толку редок, не постои стандарден третман. Третманот за секој човек е различен и зависи од тоа во кој дел од телото започнува туморот, колку тумори има и дали се проширил/е и на некои други места. Во некои случаи, туморот расте многу бавно, па дури и се намалува без никаков третман. Третманите можат да вклучуваат:


 хирургија – најчестиот третман за случаи на ЕХЕ кои вклучуваат еден тумор;
 васкуларна емболизација – прекин на снабдувањето со крв до туморот и вклучува трансартериска хемоемболизација (TACE) и радиоемболизација;
 целна терапија – најчесто користениот третман за напреден ЕХЕ при кој се користат лекови кои ги спречуваат туморите да ги добијат хранливите материи и кислородот што им се потребни за да растат;
 терапија со зрачење – користење на насочени енергетски зраци за да се уништат клетките на ракот;
 имунотерапија – користење различни третмани со цел да му се помогне на имунолошкиот систем на телото да ги убие клетките на туморот;
 Сиролимус (рапамицин) – орален лек кој го потиснува имунолошкиот систем и го забавува растот на абнормалните лимфни садови кои го формираат туморот и може да помогне да се намалат туморите на ЕХЕ и да се подобрат симптомите, вклучително и болката;
 инхибитори на тирозин киназа – овие лекови, дизајнирани како насочени терапии за рак, покажаа краткорочен успех со EХE; примерите вклучуваат сорафениб, сунитиниб и пазопаниб;
 Винкристин – овој лек за хемотерапија ги таргетира сите клетки кои се делат во телото и затоа се користи за лекување на многу видови рак; се користи и за агресивни бенигни васкуларни тумори;
 Интерферон – телото произведува интерферон за да се бори против инфекции или да го контролира воспалението; формулиран е во лек кој го таргетира растот на крвните садови;
 хемотерапија со повеќе агенси – кај ЕХЕ-туморите, кои растат брзо, се шират на други ткива или не реагираат на други лекови, потребна е поагресивна терапија со лекови; оваа комбинација на лекови потребна кај деца и млади возрасни со ЕХЕ, но во ретки случаи;
 трансплантација на органи – најчесто трансплантација на црн дроб.

Поврзани вести