
Поранешната унгарска министерка за правда Јудит Варга јавно ги демантираше наводите дека е автор на мемоари или биографска книга во која наводно го обвинува нејзиниот поранешен сопруг, идниот премиер на Унгарија Петер Маѓар, оценувајќи ги тие информации како целосно неточни.
Варга на својот профил на Фејсбук порача дека не постои книга со наслов „16 години со чудовиштето“ и дека таа не е автор на никакви мемоари, директно отфрлајќи ги објавите што се појавија на социјалните мрежи и во дел од медиумите.
Според проверките на фактите, вклучително и анализи на организацијата Lead Stories, ваквите тврдења се неточни и не постојат докази за постоење на таква публикација, а првично се појавиле на социјалната мрежа X и биле проширени преку повеќе профили со сензационалистички содржини.
Во извештаите се наведува дека дел од објавите користеле наводни цитати и слики од непостоечка книга, а приказната потоа била преземена и од некои портали, што дополнително придонело за нејзиното ширење.
Факт-чек анализите укажуваат дека станува збор за координирано ширење дезинформации, додека дел од медиумите посочуваат и на можни политички мотиви и надворешни влијанија зад кампањата.
Јавниот и приватниот однос меѓу Варга и Маѓар и понатаму останува предмет на интерес во унгарската јавност, особено по нивниот развод и подоцнежниот политички подем на Маѓар, кој станува една од клучните опозициски фигури во земјата.

Македонски


